• недела, 20 октомври 2024

Београдско драмско со „Швејк“ вечерва на РУТА во Драмски театар

Београдско драмско со „Швејк“ вечерва на РУТА во Драмски театар

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Петтата фестивалска вечер на сцената Ристо Стефановски во Драмски гостува Београдско драмско позориште. Београдско драмско позориште годинава на РУТА доаѓа со претставата „Швејк“ работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек.

Режисер е Вељко Миќуновиќ, а улогите ги толкуваат актерите Озрен Грабариќ, Милутин Милошевиќ, Милутин Дапчевиќ, Милош Лазаров, Наташа Марковиќ, Бојана Стојковиќ, Ива Илинчиќ, Ивана Николиќ и Ивана Вукмировиќ.

- Доживувања на добриот војник Швејк во светската војна, е незавршениот сатиричен роман на чешкиот писател Јарослав Хашек, издаден во 1923 година. Писателот планирал делото да се состои од шест дела, но завршил само четири. Во 1923 година починал од срцев удар, појаснуваат во соопштение од Драмски театар Скопје.

Четирите дела се објавени во една книга.

Содржината на романот зборува за чешкиот ветеран Јозеф Швејк и неговите доживувања во армијата. Приказната започнува со атентатот во Сараево, кој му претходи на почетокот на Првата светска војна. Швејк е толку возбуден што ќе ѝ служи на својата држава во војната, што никој не може со сигурност да утврди дали е тој имбецил или вешт саботер на Австроунгарската армија.

По изведбата на претставата ќе се одржи тркалезна маса на која публиката ќе има прилика да разговара со ансамблот на Београдско драмско позориште. цр/

Фото: Драмски театар Скопје

Остани поврзан