Затворена Зоолошката градина во Скопје
- Зоолошката градина во Скопје денеска е затворена, а како што се наведува во нивното известување поставено пред самиот влез, причина се техничко оперативните работи. Сепак, во текот на денот дел од медиумите објавија дека Зоолошката не работи поради постоење на сомнежи од птичји грип.
Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Зоолошката градина во Скопје денеска е затворена, а како што се наведува во нивното известување залепено на самиот влез, причина се техничко оперативните работи. Сепак, во текот на денот дел од медиумите и на социјалните мрежи беше објавено дека скопската Зоолошка градина не работи поради сомнежи за бактерија или вирус кај птиците.
- Почитувани посетители, ве известуваме дека поради техничко оперативните работи, на ден 19.10.2024 година, сабота, Зоолошката градина за посетители нема да биде отворена. Ви благодариме за разбирањето, стои во известувањето на Зоолошката.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА потврдуваат дека во Зоолошката градина се нивни инспектори, но и дека исто така таму се изведуваат технички зафати. Засега не се соопштува која е причината за присуството на инспекторите во Зоолошката градина.
АХВ најавува дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста преку соопштение.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова за МИА вели дека до попладнево не добиле известување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека има потреба нивни екипи да излезат на терен и да направат епидемиолошки анкети со вработените во Зоолошката градина. Тоа може да се случи само доколку болеста или, како што се прошири во јавноста, „птичјиот грип“ се пренесува на луѓе. - Ние сме подготвени доколку е потребно веднаш да излеземе на терен, вели Андонова.
Поранешниот директор на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски на својот профил на Фејсбук претпладнево напиша дека смртоносна бактерија „птичји грип“ е најдена во Зоолошката градина во Скопје. бт/ев/
Фото: МИА