• сабота, 23 ноември 2024

Конференција за циркуларна економија: Да се зајакнат локалните производни капацитети и да се минимизира и рециклира отпадот

Конференција за циркуларна економија: Да се зајакнат локалните производни капацитети и да се минимизира и рециклира отпадот

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Јакнење на локалните производни капацитети за што помала зависност од меѓународната понуда, ефикасно користење на ресурсите, минимизирање, рециклирање и паметно управување со отпадот, елеминирање на пластиката за еднократна употреба, инвестирање во инфраструктура отпорна на нагли промени, иновации во зелени технологии и дигитализација. Ова се само некои од препораките што беа изнесени на денешната регионална конференција за циркуларна економија во услови на војни и несигурности.

Конференцијата укажа на потребата од политики кои поддржуваат иницијативи за одржливост, но ја нагласи и потребата од регионална соработка. Во фокусот беше руската агресија врз Украина која, како што истакнаа учесниците, креираше нова реалност и предизвика екоцид. 

-Војната во Украина влијаеше врз зелената транзиција и енергетската криза. Предизвика загуба на биодиверзитет и зголемување на емисиите на стакленичките гасови. Досегашните штети по животната средина се проценуваат на 60 милиони евра, рече Џабир Дерала од ЦИВИЛ, презентирајќи ги најновите анализи. 

Еколошкото уништување, додаде, бара практики за отпорност.

-Украина е првата земја која забележува и анализира случај на екоцид. И покрај конфликтот, таму има иницијативи за рециклирање. Украинската влада успешно води транзициски и трансформациски проекти кои промовираат циркуларна економија и обновливи извори.  Војната, освен што предизвикува траума, ги уништува и природните и културолошките ресурси. Но, има начини како да се ублажи нејзиното влијание - преку локална продукција, отпорни технологии и политики, преку јакнење на локалните производни капацитети за намалување на зависноста од меѓународната понуда. На овој начин треба да се искористи цирклуарната економија и тука владите имаат клучна улога, потенцира Дерала. 

Тој се осврна и на клучните стратегии за отпорност, меѓу кои е, потсети, и Европската зелена агенда која климатските предизвици сака да ги претвори во можности.

-Отпорни синџири на снабдување и рециклирање, минимизиран отпад, максимално рационално користење на ресурсите, иновации за подобрување на циркуларната економија, елеминирање на пластиката за еднократна употреба, со овие практики ќе бидеме поотпрни и ќе го  намалиме уништувањето на природата, дополни Дерала. 

Според Газменд Берлајоли, извршен директор на Балканскиот форум, не треба само да се подвлечат предизвиците во регионот, туку треба да се донесат и решенија кои ќе го подобрат начинот на размислување.

-Безбедноста и стабилноста треба да бидат врвен приоритет, но мора да се зборува и за другите теми во општеството, да се направи баланс, да не се става акцент само на големите политички проблеми, порача Берлајоли. 

Евгенија Крстевска од Хелветас укажа дека нејзината организација е насочена кон соработка за воспоставување хабови кои би служеле како шалтер за цируларна економија во регионот. Преку овие шалтери, објасни, би се споделувале сите знаења и можности од оваа област. Според Крстевска, во целиот процес на имплементирање циркуалрна економија, треба да се внимава на претрпијатијата зашто ако не се поддржи приатниот сектор, нема да има развој и одржливост.

-Во фокусот ни се енергетската ефикасност во градежништвгото, иновациите, дигитализацијате,.. Видовме огромен потенцијал во  циркуларната економија која ќе овозможи одржливост во регионот. Мора да се приспособиме кон директивите за отпад на ЕУ и другите заложби, посебно во однос на Зелената агенда за Западен Балкан, рече Крстевска.

Еден од говорниците, изнесувајќи ги искуствата во Албанија, посочи дека локалната власт и задениците се уште ја мешаат циркуларната економија со рециклирање. 

На конференцијата беше презентиран и дел од видео-интервјуто на Фатмир Битиќи за ЦИВИЛ во кое тој вели дека земјава минатата година ја завршила со преку 660 мегагавати инстралирана електрична енергија од обвновли извори што е доволно за снабдување на 200 000 домаќинства, а до 2016-та сме имале само 11 мегавати. Битиќи во интервјуто најавува и дека годинава ќе ја завршиме со 800 мегавати инстралирана електрична енергија од обвновли извори. Со овие примери тој подвлекува дека од кризите како воениот кофликт во Украина, може да се извлечат и поуки и да се научат лекции.

- Затоа што се најдовме во енергетска криза, се забрзаа сите напори кон зелената транзиција. Низа години наназад инвестиците во обновливи извори беа мали, скоро никакви. За време на енергетската криза, од увозно зависна земја на електрична енергија во март годинава стигнавме до тоа само 2,75 отсто од потребите на струја да бидат од увоз, а беа преку 30 отсто, што укажува дека е направен сериозен исчекор кон енергетска независност, а тоа ќе не стави во ституацијаа да бидеме понатаму и извозно ориентирани, рече Битиќи.

Конференцијата „Перспективите на циркуларната економија во услови на војна и несигурност“ е дел од Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан 2024, регионална манифестација што трета година ја организира регионалната иницијатива ЛогЕкс (LogEx), формирана од тинк-тенк организацијата Балкан Форум од Косово. Неделата на циркуларна економија се одржуваше од 27 до 31 мај, а темата годинава е „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“. мч/ев/

фото: принт скрин

 

 

Остани поврзан