• вторник, 13 август 2024

​Ѓорѓиевски: Општина Кисела Вода секогаш ќе биде пријател на младите

​Ѓорѓиевски: Општина Кисела Вода секогаш ќе биде пријател на младите

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода е силно насочена кон интеграција на младите во локалната заедница. Голем дел од проектите кои ги спроведуваме во овие три години се произлезени од идеите на младите - отворање на преку 20 спортско рекреативни центри, унапредување на условите во образованието, отворање на кино, на библиотека, музички концерти, изложби, посочи денеска градоначалникиот на Општината Орце Ѓорѓиевски на конференцијата „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“, по повод Меѓународниот ден на младите - 12 Август.

Како што соопштија општинските власти, Ѓорѓиевски на конференцијата говорел за процесот на исполнување на обврските на Општина Кисела Вода во поглед на интегрирање на младите во локалната заедница, предизвиците со кои се соочува, како и за стратегиите кои се применуваат за ефективна интеграција на младите во локалните демократски процеси.

-Како дел од проектот „Јас и мојата Кисела Вода" спроведуван од Центар за Младински Активизам Крик, а финансиран од Национален Младински Совет на Македонија и Европска комисија, во изминатиот период беа одржани серија од консултативни средби со млади општината, од средните училишта на територија на Кисела Вода како и со претставничките тела на младите - Локален младински совет и Локално Собрание на млади.  Учесниците имаа можност да се едуцираат и да бидат дел од креирањето и спроведувањето на локалната стратегија за млади од општина Кисела Вода, посочил Ѓорѓиевски.

Говорејќи за донесената локална младинска стратегија на општина Кисела Вода и Акцискиот план, градоналачникот потенцираше дека тие беа работени заедно со Коалиција од младински организации „СЕГА”, а исто така Општина Кисела Вода влезе и во Еразмус програмата која ќе трае до 2025 и преку која вработените имаа студиска посета во Лисабон на тема „Млади и младински политики во локалната самоуправа“.

-Би можел да кажам дека едновремено, начинот на водење на општината-транспарентно, чесно и според закон создаваат плодно тло за инвеститорите, што значи отворање на нови работни места и спречување на иселувањето на младите. Ова е начин на работа кој го трасиравме и по кој ќе се движиме и понатаму во сите наши следни чекори. За крај сакам да го честитам Меѓународниот ден на младите, кој што се одбележува токму денес, на 12-ти август и да порачам дека Општина Кисела Вода секогаш ќе биде пријател на младите, рече Ѓорѓиевски.

Конференцијата „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“ е финансирана од Европската Унија, а имплементирана од Националниот младински совет на Македонија заедно со партнерите. бт/aa/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан