• недела, 22 декември 2024

Димитриеска Кочоска: Ребалансот ќе обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината

Димитриеска Кочоска: Ребалансот ќе обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Ребалансот на Буџетот за 2024 година претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите кои што имаат соодветна динамика. Треба да обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспените обврски кон стопанството, оцени денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на 12-тата седница на Собранието. 

-Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни шест милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво, рече Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците. 

Вкупните приходи, како што кажа, се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6 проценти, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6 проценти, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.

-Тоа се должи на потребата за обезбедување на неопходни средства наменети за исплата на плати за кои се проектирани дополнителни средства од околу 4,2 милијарди денари. Зголемувањето на платите се должи на обврските кои произлегуваат од потпишаните колективни договори и законските решенија и тоа колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научно истражувачката дејност, усогласување со минималната плата за вработените каде минималната плата претставува компонента на основната плата, усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и обезбедување на дополнителни средства за исплата на апанажи на функционерите, исплата на пензии, за кои се обезбедени дополнителни средства во износ од 5,1 милијарди денари, од кои 2,5 милијарди денари ќе бидат наменети за дополнителен пораст од 2.500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија, со што ќе се овозможи подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани, рече Димитриеска Кочоска.

За транзициски трошоци-втор пензиски столб, додаде, обезбедени се дополнителни средства во износ од околу 400 милиони денари, за корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е дополнителна финансиска поддршка од околу 0,8 милијарди денари, за здравствена заштита дополнителни 1,7 милијарди денари, наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски, за ТИРЗ зоните дополнителни 1 милијарда денари, за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 1,7 милијарди денари, за студентски оброк предвидени се дополнителни средства во износ од 437 милиони денари, како и средства за исплата на стипендии во износ од 207 милиони денари, за блок дотации планирани се дополнителни средства во износ од 300 милиони денари за материјални расходи, како и дополнителни средства за извршни исплати и за поврат на средства кон Европската комисија согласно наодите на ОЛАФ.

-За исплата на камати кон домашни и меѓународните кредитори планирани се дополнителни средства во износ од околу 0,8 милијарди денари, за јавните претпријатија и АД во државна сопственост по основ на задолжувања (активирани гаранции) преку буџетот обезбедени се околу 5,1 милијарда денари, со обврска овие компании до крајот на 2024 година сукцесивно за исплатените гаранции да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата, за локални инфраструктурни проекти за општините – планирани се 6 милијарди денари.

Тоа, додаде, е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината.

-Фискалната политика до крајот на годината ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и оддржливо ниво на капитални расходи, посочи Димитриеска Кочоска.

Нагласи дека вкупните остварени приходи на Буџетот во првите два квартала изнесуваат 144,3 милијарди денари  што е 46,54 отсто од планираните приходи за 2024 година.

-Во рамки на вкупните приходи 133,9 милијарди денари се остварени по основ на даночни приходи и социјални придонеси, односно 48 проценти од планираниот буџет на даночни приходи и социјални придонеси за 2024 година и се за 14,4 проценти повисоки од даночните приходи и социјални придонеси остварени за истиот период минатата година. Придонесите за социјално осигурување, како изворен приход на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, се остварени во износ од 50,2 милијарди денари и се повисоки за 14,4 проценти, споредено со анализираниот период во 2023 година, појасни Димитриеска Кочоска.

Во првите шест месеци од годинава, истакна, вкупните реализирани расходи на Буџетот се на ниво од 168,2 милијарди денари и се за 8,6 проценти повисоки во однос на вкупните расходи реализирани во истиот период во 2023 година.

-За тековни расходи потрошени се 155,2 милијарди денари или 16,8 проценти повисоки во споредба со истиот период минатата година. Платите и надоместоците се реализирани во износ од 21 милијарди денари и се повисоки за 22,7 проценти споредено со првите шест месеци во 2023 година. За стоки и услуги се реализирани вкупно 10,4 милијарди денари и се повисоки за 8,6 проценти во споредба со 2023 година. Трансфери до единиците на локалната самоуправа се реализирани во износ од 14,7 милијарди денари, а 11,2 милијарди денари се исплатени за каматни плаќања по основ на користени кредити и издадени државни хартии од вредност и се за 67,8 проценти повисоки од реализираните каматни плаќања во 2023 година, рече Димитриеска Кочоска.

Субвенциите и трансферите, како што кажа, се реализирани во вкупен износ од 14,4 милијарди денари и се повисоки за 3,8 проценти од реализираните субвенции и трансфери во првите шест месеци лани. При тоа, социјалните трансфери се исплатени во износ од 82,5 милијарди денари и нивната реализација е повисока за 15,7 отсто во споредба со истиот период во 2023 година. 

-Од тие преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се реализирани 52,1 милијарди денари или 44,1 милијарди денари за исплата на пензии и 7,9 милијарди денари за приватни пензиски фондови. Расходите за социјална помош реализирани се во износ од 7,4 милијарди денари. За остварување на правото за паричен надоместок во случај на невработеност преку Агенцијата за вработување  реализирани се 836 милиони денари, а за здравствена заштита преку Фондот за здравствено осигурување реализирани се 22,2 милијарди денари, посочи Димитриеска Кочоска.

Капиталните расходи на Буџетот во првите шест месеци во 2024 година реализирани се во износ од 12,9 милијарди денари или 28,62 проценти во однос на планираните капитални расходи за 2024 година и се за 41 отсто пониски во споредба со  истиот период во 2023 год, односно за 8,9 милијарди денари.

-Буџетот во овој период се финансираше од домашни и странски извори. Од буџетираните 43,1 милијарди денари предвидени за странско задолжување, во првите шест месеци вкупно се реализирани 14,7 милијарди денари.  Кај домашното финансирање, заклучно со 30.06.2024 година, е реализирано нето задолжувањето од 19 милијарди денари. При тоа Министерството за финансии се задолжува во согласност со донесената Одлука од страна на Владата за утврдување на максималниот износ на нето задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар со која  во 2024 година е предвиден износ од 22 милијарди денари, појасни Димитриеска Кочоска.

Остварениот буџетски дефицит во овој период  е на ниво од 23,9 милијарди денари или 2,64 проценти од проектираниот БДП за 2024 година што претставува 71,13 проценти од планираниот за 2024 година. За овој период остварен е примарен дефицит од 1,3 проценти.

Како што кажа, послабото остварување во 2023 година во однос на очекуваното, податоците за економските движења во првата половина од 2024 година, како и понеповолното меѓународно окружување, условуваат надолна ревизија на очекувањата за раст на домашната економија годинава, кој е проектиран на ниво од 2,1 процент, наспроти растот од 3,4 проценти согласно претходните проекции од декември 2023 година. 

-Приватната потрошувачка и понатаму се очекува да биде еден од главните двигатели на растот , поддржана од растот на расположливиот доход и од солидната кредитна активност на банкарскиот систем. Расположливиот доход е поддржан од високиот раст на платите на реална основа, како и од линеарното зголемување на пензиите што ќе ја динамизира потрошувачката во следниот период. Оттаму, приватната потрошувачка се очекува да забележи раст од 2,7 проценти на реална основа, рече Димитриеска Кочоска.

Бруто – инвестициите, како што кажа, се очекува да забележат раст од 10 проценти, јавната потрошувачка се очекува да забележи раст од 3,3 проценти, извозот  на стоки  и услуги се очекува да закрепне во следниот период и да забележи раст од 2,5 проценти.

-Растот на извозот, како и растот на домашната побарувачка и инвестициите, се очекува да влијаат на зголемување и на увозот на стоки и услуги и тоа со позасилена динамика и се очекува да забележи раст од 5,4 проценти, така што се очекува вкупниот придонес на нето-извозот да биде негативен, истакна Димитриеска Кочоска.

Стапката на инфлација за 2024 година, како што кажа, е проектирана на 3,5 проценти, што претставува значително забавување на ценовната динамика споредено со 2023 година. 

-Во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација. Позитивните движења на пазарот на труд се очекува да продолжат и во следниот период, но со нешто поумерена динамика во однос на претходните проекции. Бројот на вработени се очекува да се зголеми за околу 1 процент, додека стапката на невработеност во просек да се намали на ниво од 12,6 проценти за 2024 година. Во 2024 година се очекува да се задржи високиот раст на просечната нето-плата кој е проектиран на ниво од 13 проценти во просек, во услови на зголемување на платите во одредени дејности од јавниот сектор и порастот на платите во некои високопродуктивни дејности, рече Димитриеска Кочоска.

Основното макроекономско сценарио е придружено со ризици, коишто се оценуваат како надолни во однос на проектираниот економски раст. Ризиците во однос на надворешното окружување и понатаму се поврзани со геополитичките тензии, односно војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток. 

-Ребалансот на Буџетот во 2024 година е насочено кон ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со макроекономските движења во првата половина од годината, реструктуирање на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски, како и оптимизирање на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит.  Со ревидираните проекции на расходната страна се изврши намалување кај несуштинските трошења и кај проектите со позабавена динамика на реализација, а едновремено се обезбедија средства за доспеаните законски обврски, како и за новите политики на Владата за линеарен пораст на пензии, локални инфраструктурни проекти. Со ова ниво на буџетска потрошувачка се овозможува нормално и непречено функционирање на институциите, исполнување на обврските кон меѓународните кредитори, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните и бизнис заедницата, порача Димитриеска Кочоска.

Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи на Буџетот, првично планираниот дефицит од 3,4 проценти од планираниот БДП е ревидиран на 4,9 проценти од планираниот БДП, односно од 33,5 милијарди денари е проектиран на ниво од 44,7 милијарди денари. 

-Ваквото ревидирање е резултат  на потребата за обезбедување на неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските.Вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6 проценти, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6 проценти, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, рече Димитриеска Кочоска.

Износот на државниот долг нзаклучно со 30 јуни годинава, како што потенцира, е 7,642 милијарди евра, односно 52,1 отсто од БДП, а на јавниот долг 8,87 милијарди евра, односно 60,5 проценти од БДП. Согласно последните проекции на Министерството за финансии државниот долг на крајот на 2024 година ќе изнесува 57,1 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 66,3 проценти.

-Целта на овој ребаланс е да најавиме на некој начин и по која линија ќе ја водиме фискалната политика во наредниот период. Да креираме буџети во наредните години кои ќе содржат приоритети кои ќе имаат додадена вредност, приоритети кои ќе дадат најдобар ефект за потрошените пари на граѓаните. Политики кои ќе не водат напред и кон подобро утре. При тоа  да ја имаме предвид и потребата од фискална консолидација, за постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, посочи Димитриеска Кочоска.

Расправата по Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година на пленарната седница трае најмногу три дена.вј/са/

Фпото: МФ

Остани поврзан