• сабота, 06 декември 2025

Мицкоски: Новата парадигма Државност 2030 на ВМРО-ДПМНЕ е модел за модерно државно водство

Мицкоски: Новата парадигма Државност 2030 на ВМРО-ДПМНЕ е модел за модерно државно водство

Кавадарци, 6 декември 2025 (МИА) - Новата парадигма Државност 2030 на ВМРО-ДПМНЕ е модел за модерно државно водство, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 18. Конгрес на партијата што се одржува денеска во Кавадарци вива под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“.

-Новата политичка епоха бара парадигма што ќе ја надмине логиката на транзицијата. Парадигмата „Државност 2030“ се темели врз три оски: институционална стабилност над политички циклуси, продуктивност како национален приоритет, идентитет + Европа: синтеза, а не конфликт,  кажа Мицкоски.

Мицкоски во својот говор ги наброја десетте принципи кои ја дефинираат парадигмата на модерното државно водство.

-Овие десет принципи ја дефинираат парадигмата на модерното државно водство: достоинство пред сè – политиката ја почитува вредноста на човекот и државата, правдата е единствениот легитимен авторитет – без неа нема држава и знаењето е највисоката форма на капитал, образованието е темел на иднината, рече Мицкоски.

Државата мора да биде силна, но не и доминантна, силна во заштитата, умерена во контролата.

-Нацијата е заедница на заедничка судбина – не етнички список, туку историска целина. Пазарната економија создава можности, но мора да биде праведна, слободата бара одговорност. Институциите се јадрото на демократијата – политиката доаѓа и си оди, државата останува. Европската ориентација е цивилизациска определба – не тактика, туку вредност. Технологијата и одржливоста се новиот облик на развој – зелената трансформација е пат, не опција. Општеството се гради со доверба, без неа нема стабилност, единство, напредок.  Овој идеолошки кодекс, национален договор и нова парадигма ја оформуваат политичката мисла што ја води партијата во периодот 2025–2030. Тие го поставуваат патот кон Македонија која е:  суверена во идентитетот; eвропска во ориентацијата; стабилна во институциите и успешна во економијата, порача Мицкоски.

Тој пред делегатите упати порака дека дражавата може да успее само со работа единство, 

-Од овој конгрес испраќаме една порака што треба да одекне низ секој град, секое село, секое семејство и секое срце: Македонија може, Македонија знае, Македонија ќе успее. Со визија, со работа, со единство. Со сила што не се гледа само во говори, туку во секојдневното креирање просперитет. Нашата задача не е да ветиме иднина, туку да ја создадеме. А, ако стоиме цврсто, обединети и сигурни во правецот, тогаш иднината ќе личи на нас, а не ние на неа, рече во своето обраќање Мицкоски.

Тој подвлече дека денес се затвора една етапа на неизвесност и се отвора деценијата на зрелоста, на растот и развојот на државата.

-Денес, пред оваа сала, ја затвораме една етапа на неизвесност и ја отвораме деценијата на зрелоста. Деценија во која државата не само што ќе опстане, туку ќе расте, ќе се стабилизира, ќе напредува, ќе стане пример. Деценија во која ќе покажеме дека политиката може да биде чест професија, дека лидерството може да биде служба, а државата заеднички дом што го чуваме и го градиме со љубов, упорност и дисциплина, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ова е нашата обврска, нашата чест и нашата заедничка мисија, повикувајќи на поддршка за стратешките документи, визија и планови кои ќе носат на партискиот Конгрес.

-Секое време бара прилагодување. Ние мора да се прилагодиме на времето кое доаѓа и на генерацијата на која мораме да и дадеме шанса. Ова е словото врз кое го темелиме идниот развој. Заедно и обединети, за визија која ќе ја гради државата и заедничката иднина. Ве повикувам да ја поддржите оваа стратегија и пропратните доктринарни, стратешки документи, визија и планови, повика Мицкоски. вг/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан