• вторник, 10 март 2026

Мицкоски: Македонија со убедливо најниска цена на нафтата, нема опасност од недостиг

Мицкоски: Македонија со убедливо најниска цена на нафтата, нема опасност од недостиг

Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Македонија е држава со убедливо најниска цена на нафтата и во моментот нема опасност од недостиг. Владата продолжува да ја следи состојбата и не гледа потреба од прогласување кризна состојба, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви мерки ќе бидат преземени за стабилизација на цената на нафтените деривати, по направениот увид на изградба на пречистителна станица во населеното место Кучевишка Бара, Општина Чучер Сандево, тој направи споредба со цените на дизел горивото со земјите во соседството.

По вчерашното нивелирање на цената од страна на Регулаторна комисија за енергетика, тој појасни дека литар дизел гориво чини 1,39 евра, во соседна Албанија е 1,79 евра, што е околу 30 проценти поскапо, во Србија цената е 1,73 евра или 25 проценти повисока од Македонија. Во Косово цената варира, но, според премиерот, достигнува до 1,51 евроценти, што е околу 10 проценти поскапо од кај нас. Во Грција е 1,59 евра или 15 проценти повисока додека во Бугарија е 1,41 евра. 

- Како држава имаме убедливо најниска цена на нафта и тоа во моментот можеби е добро од еден аспект, но од друг аспект во дел од пограничните општини се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел гориво и затоа се случува на некои бензински пумпи побргу од тоа што е очекувано да снема гориво, но тоа брзо се надоместува, рече Мицкоски. 

Тој нагласи дека Државниот пазарен инспектор е континуирано на терен и оти нема прекини во снабдувањето, но и оти е логично да има притисок во западниот дел од државата. 

- Очекуваме притисок и периодот кој што следи, но имаме доволно количини. Разговараме со дистрибутерите и со компаниите кои што ги снабдуваат граѓаните и македонската економија со нафта и нафтени деривати. Во моментот нема опасност од каков било недостиг, така што ние како Влада продолжуваме да ја следиме состојбата. Можеби условно кажано, добра вест е што утринава, од тоа што можев да го видам и Брентот и останатите продукти на светските берзи се во опаѓање. Ако вчера го достигна пикот од 120 долара за барел, денеска тргуваат за некаде 90-тина долари за барел, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека ќе реагираат согласно развојот на настаните.

Тој најави за утре состанок со сопствениците на ланците супермаркети и хипермаркети.

Сакам и со нив да поразговарам, да не се користи сега овој притисок веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните, за да не мораме ние како Влада да преземаме друг тип на, би рекол, офанзивни мерки, истакна претседателот на Владата. 

Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат, нагласи, ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и големо и врз основа на нивното однесување, така и Владата ќе се однесува. 

- Очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните за и ние како Влада да бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментот, додаде Мицкоски. 

Во однос на предложените мерки од страна на лидерот на СДСМ за намалување на акцизата и ДДВ-то на горивата, Мицкоски рече дека се несериозни, неточни и непрецизни.

- Во еден момент ги слушате како создаваат хистерија за 600, 700, 800 евра минимална плата, а од друга страна велат да се избришат даноците, да нема данок на додадена вредност и така натаму, па не враќаат во едни други времиња на соцболшевизам и еден вид на таква економија. Затоа се обидов воопшто да не ги коментирам творците на канабис економија во Македонија, луѓе кои што буквално ја ограбија Македонија, ги понижија македонските граѓани, ја понижија државата. И понекогаш можеби и молкот е доволен одговор на некои прашања, рече Мицкоски. сс/паг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан