• вторник, 14 јануари 2025

Џафери-Филипиду: Продолжува севкупната соработка и поддршка меѓу Северна Македонија и Хеленската Република како блиски соседи, партнери и сојузници

Џафери-Филипиду: Продолжува севкупната соработка и поддршка меѓу Северна Македонија и Хеленската Република како блиски соседи, партнери и сојузници

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Владата на Северна Македонија останува силно определена и посветена на натамошно унапредување на билатералната соработка со Грција и ќе продолжи да манифестира конструктивност и активна соработка во сите области во претстојниот период, истакнал премиерот на техничката Влада, Талат Џафери на денешната средба со грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду.

Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата биле потврдени и блиските односи и севкупната плодна соработка меѓу двете земји, како блиски соседи, партнери и сојузници во НАТО. Воедно, биле разменети мислења за актуелните политички состојби, а биле разгледани и мерките и активностите кои Владата ги спроведува во насока на имплементација на обврските од Преспанскиот договор и организацијата на претстојните двојни избори во земјата.

Заблагодарувајќи се на поддршката на Грција за европската интеграција на земјата, како и на активната соработката во рамките на НАТО и другите меѓународни и регионални организации, Џафери изразил надеж дека двете држави ќе продолжат активно да работат на остварување на заедничката визија за економски просперитетен и стабилен регион, интегриран во големото европско семејство на народи.

- Премиерот ја информираше амбасадорката дека Владата ќе продолжи активно да работи на имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор, со кој беше отворено ново поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Грција, и во таа насока, изрази очекување за исполнување на преземените обврски од двете страни, се наведува во соопштението.

Амбасадорката Филипиду му го честитала изборот за претседател на Владата и изразила надеж дека досегашната плодна соработка со Џафери и неговата лична енергија и посветеност вложени како претседател на Собранието во унапредувањето на билатералните односи, ќе продолжи и во новата функција.

- Филипиду ја реафирмира грчката поддршка на евро-интеграцискиот процес на Република Северна Македонија, што беше и лично потврдено во писмото-честитка од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис до премиерот Џафери, при неговото стапување на функцијата претседател на Владата, се додава во соопштението од Владата.  
 
На средбата биле разменети мислења за понатамошна соработка во сферата на трговската размена, стратешките инвестиции во енергетиката, и потврдена заложбата во иднина да се работи на уште поголемо зајакнување на економските врски и инвестициите во инфраструктурата и меѓусебното поврзување. цр/нд/

Фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан