Шолц: Екстремно десничарските разговори за ремиграција потсетуваат на мрачната историја
- Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја понуди својата поддршка на демонстрантите кои излегоа на улиците низ земјата за да ја осудат екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) и другите десничарски групи.
Берлин, 31 јануари 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја понуди својата поддршка на демонстрантите кои излегоа на улиците низ земјата за да ја осудат екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) и другите десничарски групи.
Шолц рече дека „откритијата дека претставници на АфД се сретнале со екстремни десничарски екстремисти за да разговараат за ремиграцијата, еуфемизам за принудување на имиграциите надвор од земјата, треба да бидат алармантни за луѓето во Германија“.
-Многу луѓе во Германија со странски корени сега се плашат дека ќе мора да заминат. И затоа мислам дека сите ние треба да преземеме многу јасна обврска во овој момент: стоиме пред овие граѓани, тие не мора да се плашат, рече Шолц.
Обраќајќи му се на опозицискиот лидер Фридрих Мерц од блокот на десниот центар ЦДУ/ЦСУ, Шолц рече дека политичките партии треба да застанат заедно.
-Мораме да бидеме заедно како демократи. Ние во Германија имаме задача пред нашата историја. Како демократи, сакаме да покажеме дека ќе го запреме овој тренд и тоа ќе го направиме заедно, рече Шолц.
Мерц, исто така, ги поздрави масовните демонстрации и ја осуди АфД за нивната екстремно десничарска политика за време на дебатата во средата.
-Ксенофобијата, антисемитизмот и национализмот одат рака под рака со вас, како и блиските врски со Русија и длабоко вкоренетиот антиамерикански комплекс. Доста е, рече Мерц пред пратениците на АфД.
Мерц вети дека неговата партија ќе се спротивстави на АфД со сета своја сила. Но, тој исто така тврдеше дека владата на Шолц има делумна вина за зголемената поддршка на екстремната десница меѓу германските гласачи.
-Гласачите за АфД не се сите десни радикали, но сите се прилично фрустрирани, рече Мерц, додавајќи дека решението ќе биде владината коалиција на Шолц конечно да ги реши проблемите на земјата. мс/
фото: МИА архива