Шајн: Подобри услови за работа на пожарникарите во Охрид
- Охридските пожарникари заслужуваат подобри услови за работа, достоинствена плата и современа опрема. Веднаш по стапувањето на функцијата ќе бидат спроведени активности за подобрување на условите за работа на пожарникарите, ќе се ревидира начинот на исплата на платите на пожарникарите и ќе се изготви нов правилник за плати и додатоци. Тоа од денешната прес-конференција го порача Асен Шајн, кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и Коалицијата.
Охрид, 16 октомври 2025 (МИА) – Охридските пожарникари заслужуваат подобри услови за работа, достоинствена плата и современа опрема. Веднаш по стапувањето на функцијата ќе бидат спроведени активности за подобрување на условите за работа на пожарникарите, ќе се ревидира начинот на исплата на платите на пожарникарите и ќе се изготви нов правилник за плати и додатоци. Тоа од денешната прес-конференција го порача Асен Шајн, кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и Коалицијата.
Шајн рече дека уште првиот месец од мандатот ќе се реализира зголемување на основната плата за 25 проценти, а со оглед на сложеноста на нивната работа и 20 проценти додаток за ризик, согласно Законот за пожарникарство. Ќе се почитуваат сите законски права на пожарникарите, прекувремени часови за интервенција на терен, јубилејни награди за стаж, праведни отпремнини при заминување во пензија и ќе се почитува Законот за работа во недела со соодветна исплата за ангажман во недела.
- Не застануваме тука. Најголем дел од нашата заложба ќе биде насочен кон модернизација на опремата и возниот парк на Територијалната противпожарна единица Охрид. Ќе вложиме во нови возила, современа заштитна опрема и системи за брза интервенција. Овие проекти ќе ги реализираме со домашни и меѓународни институции бидејќи безбедноста на граѓаните е заедничка одговорност и највисок приоритет, рече Шајн.
Кандидатот на СДСМ уште посочи дека важен сегмент од неговото работење ќе посвети на ефикасноста и ефективноста при извршување на работите на вработените во локалната самоуправа, насочени исклучиво во корист на интересите на граѓаните следствено на тоа зголемување на основните примања што му следуваат на работникот согласно позитивните законски прописи. аб/вј/
Фото: МИА