Шајн од СДСМ: Охрид да добие нов лик, достоен за неговата историја и културно богатство
- Охрид да добие нов лик, достоен за неговата историја и културно богатство. Нашата визија „Охрид – Модерен град, град на УНЕСКО“ е проект што го ставаме во срцето на нашата програма, затоа што знаеме што значи Охрид за цела држава а и за светот пошироко.
Охрид, 2 октомври 2025 (МИА) – Охрид да добие нов лик, достоен за неговата историја и културно богатство. Нашата визија „Охрид – Модерен град, град на УНЕСКО“ е проект што го ставаме во срцето на нашата програма, затоа што знаеме што значи Охрид за цела држава а и за светот пошироко. Овој проект значи модернизација со почит кон традицијата. Ќе работиме на тоа Охрид да стане поуреден, почист, со повеќе зеленило, со организиран сообраќај, со повеќе култура и простори за одмор и уживање, но сето тоа без да ја нарушиме неговата автентичност.
Тоа денеска го порача Асен Шајн, кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и Коалицијата.
Проектот како што рече, предвидува неколку капитални зафати - обнова на старото градско јадро, со автентичен изглед, преуреден кеј и плоштад со повеќе простор за пешаци и зеленило, уредени, пристапни и чисти плажи, велосипедски патеки за безбедно и еколошко движење и отворена сцена за културни настани.
Сето тоа Шаин рече дека ќе се прави во соработка со УНЕСКО, со експерти од земјата и странство, и секако со граѓаните.
„Ќе се консултираме, ќе слушаме предлози, и ќе работиме транспарентно. Овој проект нема само да го разубави Охрид. Тој ќе донесе повеќе туристи, повеќе настани, повеќе живот во градот и нова енергија за сите нас. Време е да покажеме дека знаеме да го чуваме тоа што ни е свето, но и да одиме напред, достоинствено и паметно. Со ваша поддршка, ќе го направиме Охрид модерен, но Охрид ќе остане Охрид со својата душа, со својата убавина, со своето значење“, порача Шајн. аб/
Фото: МИА архива