• недела, 22 декември 2024

Црногорската опозиција не дозволи одржување на премиерскиот час

Црногорската опозиција не дозволи одржување на премиерскиот час

Подгорица, 1 јули 2024 (МИА) - Премиерскиот час, на кој претседателот на црногорската влада, Милојко Спајиќ, требаше да одговара на прашањата на пратениците, не се одржа денеска бидејќи дел од опозицијата застана пред говорницата, не дозволувајќи да се одржи седницата.

Пратениците од опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) на тој начин протестираа бидејќи Спајиќ минатиот петок, неколку часа пред полноќ, го откажа учеството на премиерскиот час кој требаше да се одржи во саботата, барајќи да се помести за понеделник.

Оскар Хутер (ДПС) изјави дека премиерот може да дојде во парламентот кога ќе биде повикан „а не кога тој сака“.

Пратениците од ДПС застанаа во средината на парламентот, пред масата на претседателот на парламентот, Андрија Мандиќ, не дозволувајќи одржување на седницата.

Мандиќ се обиде да ја продолжи седницата, но пратениците од ДПС не го дозволија тоа, по што тој ја прекина и најави дека премиерскиот час ќе се одржи во друг термин. Додаде дека не сака да се заврши со повикување на обезбедување за да ги отстрани пратениците од ДПС.

Црногорскиот премиер, Милојко Спајиќ, во петок вечер го откажа учеството на премиерскиот час поради, како што првично беше соопштено од неговиот кабинет, службено патување во Брисел.

Но, во саботата, кога требаше да се одржи седницата, беше виден во кафуле во Подгорица. Тоа предизвика револт кај опозицијата која тврди дека премиерот не го почитува законодавното тело.

Одговарајќи на прашањата на новинарите зошто не се појави во саботата на премиерскиот час, Спајиќ изјави дека шефот на клубот на пратеници на ДПС, Андрија Николиќ, „побарал заради граѓаните тоа да биде во понеделник“, додавајќи дека не бил во Брисел, туку рекол дека не може да учествува „поради посета“.

Едно од прашањата на кое црногорскиот премиер требаше денеска да одговори се однесуваше на нарушување на односите со Република Хрватска поради усвојувањето на Резолуцијата за Јасеновац.

Собранието на Црна Гора во петокот, на иницијатива на просрпската и проруската десница, усвои Резолуција за геноцидот во логорите Јасеновац, Дахау и Маутхаузен.

Резолуцијата беше поддржана од 41 пратеник од власта, додека опозицијата и еден дел од владејачките пратеници ја напуштија пленарната сала. Така, речиси половина од вкупно 81 пратеник беа надвор од салата за време на гласањето.

Во остар одговор, хрватското Министерство за надворешни и европски работи наведе дека усвојувањето на Резолуцијата ќе ја успори црногорската интеграција во ЕУ, и ја повика Подгорица да ги процесира воените злосторства што се случиле за време на опсадата на Дубровник. Исто така, имаше и остра реакција од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој рече дека Резолуцијата испраќа порака на поделби. ссм/

фото: архива

Остани поврзан