Христодулидис: Подготвени сме во секое време за средба и со лидерот на кипарските Турци и со турската делегација
- На генералниот секретар му стојам на располагање во секое време, каде било, за да се сретнам и со лидерот на кипарските Турци и со турската делегација. Генералниот секретар веќе подолго време презема напори во оваа насока, кои се надевам дека ќе вродат со плод. Повторувам, од наша страна сме подготвени во секое време, рече претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис по средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 24 септември 2024 (МИА) – На генералниот секретар му стојам на располагање во секое време, каде било, за да се сретнам и со лидерот на кипарските Турци и со турската делегација. Генералниот секретар веќе подолго време презема напори во оваа насока, кои се надевам дека ќе вродат со плод. Повторувам, од наша страна сме подготвени во секое време, рече претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис по средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарското прашање се нашло во фокусот на средбата Гутереш-Христодулидис во Њујорк, која според Христодулидис била конструктивна.
-Разговаравме за перспективите за одново започнување на разговорите. Му се заблагодарив на генералниот секретар, кој политички се залага не само за повторно започнување на разговорите, туку и за решавање на кипарското прашање, врз основа на договорената рамка. Се осврнавме на сето ова, на тоа што нашата страна во текот на овие 18 месеци колку што сме на власт во земјата, преку конкретни постапки, а не желби, ја покажавме нашата политичка волја, нашата подготвеност за продолжување на разговорите, рече Христодулидис по средбата и посочи дека Гутереш го информирал дека ќе се сретне и со турскиот претседател во рамката на средбите со лидерите,
Паралелно, генералниот секретар му се заблагодарил за „улогата на Република Кипар во обезбедувањето хуманитарна помош за Газа“.
Кипарскиот претседател на маргините на Генералното собрание на ОН се сретна и со претседателот на Србија Александар Вучиќ, а според портпаролот на Владата на Кипар Константинос Летибиотис, биле разгледани „одличните односи меѓу двете земји“.
- Двајцата шефови на држави разговараа за билатералните односи Кипар – Србија, за случувањата во регионот на Источниот Медитеран, ситуацијата во Украина, случувањата во кипарското прашање, прашањата што се однесуваат на одбранбената соработка на двете земји и случувањата во Косово. Претседателот ѝ се заблагодари на Србија за нејзиниот принципиелен став во кипарското прашање, додека претседателот Вучиќ од своја страна му се заблагодари на претседателот и на Република Кипар за поддршката што ја даваат во однос на процесот на пристапување на Србија во ЕУ, соопшти портпаролот на кипарската Влада во писмената изјава. ср/сд/