• вторник, 23 јули 2024

Ховениер: Од Косово очекуваме обновени напори за продолжување на патот кон ЕУ

Ховениер: Од Косово очекуваме обновени напори за продолжување на патот кон ЕУ

Приштина, 4 март 2024 (МИА) – Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер порача дека Косово мора да покаже континуирана волја и креативност во дијалогот со Србија, за да може да си го отвори патот за членство во меѓународните организации, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето обраќање на денешната Конференција во косовската престолнина насловена „Градење мостови на Западен Балкан: Парламентарна дипломатија за регионална безбедност и евроатлантска интеграција“, Ховениер рече дека единствениот пат на Косово кон интеграциите е преку дијалог со посредство на Европската унија, бидејќи, како што нагласи, меѓународната заедница сака да ја види земјата како напредува на европскиот пат.

-Меѓународната заедница јасно сака Косово да напредува на европскиот пат. Значи, вие создадовте услови да го постигнете тоа и единствениот начин е преку дијалог олеснет од ЕУ. Се надеваме дека ќе видиме обновени напори за заедно да продолжиме напред, рече Ховениер.

Обраќајќи се на панелот насловен „Дизајнирање на иднината: Политички насоки и дипломатски ангажман“, Американскиот дипломат го повтори и барањето на Вашингтон до Приштина да се почитуваат сите договори потпишани во рамките на дијалогот со Србија со посредство на ЕУ.

-Свесен сум за дијалогот меѓу Косово и Србија и олеснувачите. Некои велат дека Србија ќе ја искористи можноста да го одложи напредокот на Косово. Она што можам да го кажам е дека најдобрата стратегија во вакви околности за Косово е да направи се што е можно за да покаже континуирана волја, креативност, енергија, посветеност и имплементација на обврските што ги има добиено, а кои помагаат процесот да напредува, рече Ховениер, изразувајќи надеж дека „Владата на Косово ќе ги послуша советите“ на меѓународните сојузници. иа/

Остани поврзан