• сабота, 23 ноември 2024

Фрајбург воведе исхрана без производи од животинско потекло во градинките и основните училишта

Фрајбург воведе исхрана без производи од животинско потекло во градинките и основните училишта

Фрајбург, 12 септември 2023 (МИА) - Децата во градинките и основните училишта во Фрајбург, Германија, од вчера веќе не може да се хранат со шпагети болоњезе, стек и колбаси. Наместо тоа, отсега ќе се нуди исхрана без производи од животинско потекло.

Одлуката за забрана на месо во градинките и училиштата ја донесе Советот на Фрајбург во октомври минатата година. Мнозинството политичари од Зелената левица гласаа за забрана на месото бидејќи, како што велат - исхраната без месо е поздрава. Според тамошните медиуми, одлуката предизвика бројни критики од родителите кои се прашуваат колку е добра храната без месо за растот и развојот на децата.

Дали е безбедно да се одгледува дете како веган или вегетаријанец?

Според стручњаците, важно е родителите да препознаат дека децата имаат различни нутритивни потреби од возрасните. Децата вегетаријанци и вегани понекогаш имаат пониски нивоа на витамин Б12 (којшто ги одржува здрави крвта и нервните клетки на една личност), калциум (ги одржува коските силни), витамин Д (му помага на телото да апсорбира калциум), железо (корисен за хемоглобинот и миоглобинот) и цинк (го поддржува имунолошкиот систем на телото и има улога при создавањето протеини и ДНК).

Сепак, ниту една од овие хранливи материи не е специфична за месото. Витаминот Б12 може да се најде во јајцата, млечните производи и производите збогатени со витамин Б12, како што се млекото од соја или хранливиот квасец. Калциумот и железото го има во гравот, витаминот Д - во јајцата и храната збогатена со витамин Д (вклучувајќи житарки, сок од портокал и млеко од соја), а цинкот се наоѓа во мешункастите и јаткастите плодови.

Педијатарот Јен Трахтенберг смета дека вистинската вегетаријанска и веганска исхрана може да ги задоволи сите потреби на детето, но под еден услов: Треба да биде добро осмислена и надгледувана од педијатар и регистриран диететичар.  си/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан