• недела, 19 мај 2024

Финансиска поддршка од Општина Крива Паланка за репрезентативците на ЕП во карате во Грузија

Финансиска поддршка од Општина Крива Паланка за репрезентативците на ЕП во карате во Грузија

Крива Паланка, 6 февруари 2024 (МИА) – Карате репрезентативците од Крива Паланка, шампионите Вукашин Јовановиќ и Адријан Симоновски, кои ќе ги бранат боите на државата на претстојното Европско карате првенство за кадети и јуниори до 21 година, во Т’билиси, Грузија, добија финансиска поддршка од Општината.

Градоначалникот Сашко Митовски денеска им посака успешен настап на овие млади спортски амбасадори, кои со Одлука на денешната седница на Советот на Општина Крива Паланка, заминаа на првенството со целосна поддршка од страна на општината.

- Горд сум на нашите шампиони, Вукашин и Адријан, двајцата репрезенти на градот и државата, млади успешни спортисти, кои како и сите спортисти досега, и овојпат ги имаат мојата поддршка и подадена рака. Денеска тие беа гости во мојот кабинет, заедно со тренерите Жарко Ангеловски и Стевче Христовски, пред нивното заминување во Грузија. Им посакав успешен настап на 24-то Европско карате првенство што ќе се одржи од 9 до 11 февруари 2024. Адријан и Вукашин се гордост на градот, на клубот КК „Шампион“ и тренерите. Нека продолжи традицијата на нивните одлични настапи, им посакувам Европски медали за испишување нови страници во спортската историја на градот, рече Митовски.

Вукашин Јовановиќ е актуелен државен првак во категорија јуниори, повеќекратен државен првак во својата категорија, а беше прогласен и за најдобар спортист во Општина Крива Паланка за 2023 година. Адријан Симоновски е вицешампион во кадетска конкуренција 14-16 години, -68 килограми.

На претстојното Европското карате-првенство ќе учествуваат 1160 каратисти од 49 држави, а македонската карате репрезентација брои 28 члена.

Крива Паланка е општина пријател на спортот, со буџет за спорт и поддршка на спортски здруженија и поединци за 2024 година од над 2.6 милиони денари, како и поддршка преку спортски стипендии на 17 талентирани млади спортисти од градот во екипни и индивидуални спортови. ид/ир

Остани поврзан