• понеделник, 20 мај 2024

Фазлагиќ: Фокусирани сме на натпреварот со Украина

Фазлагиќ: Фокусирани сме на натпреварот со Украина
Скопје, 8 ноември 2021 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска ги стартуваше мини подготовките за новите натпревари во евроквалификациите, кои избраниците на Драган Канатларовски ги очекуваат овој месец. На 11. ноември, на тренинг центарот „Петар Милошевски“ гостува селекцијата на Украина, а пет денови подоцна, на Националната арена „Тодор Проески“, „црвено – жолтите“ го пречекуваат топ фаворитот во групата, селекцијата на Франција. Фудбалерот од средниот ред на Жилина, Енис Фазлагиќ, верува дека со добра игра и пожртвуваност пред домашната публика може да се остварат позитивни резултати. - Нè очекуваат два многу тешки меча против Украина и Франција. Фокусот е максимално насочен кон првиот дуел со Украина, тежок противник кој се наоѓа во одлична форма и игра многу квалитетно во овие квалификации. Имаа одлични индивидуалци, но и колективно се многу добри. Ќе се подготвиме максимално, ќе дадеме сè од себе и се надевам дека ќе успееме да освоиме три бода од овој дуел. Одиме чекор по чекор, играме два натпревари на домашен терен, верувам дека со поддршката од нашите навивачи ќе можеме да освоиме бодови и на мечот со Франција, рече Фазлагиќ. Потсети дека на претходниот квалификациски циклус во октомври и мечевите со Фарски Острови и Ерменија не беше во тимот поради повреда на зглобот, но, тоа, како што кажа, е зад него и е подготвен да даде сè од себе за Македонија на натпреварите со Украина и Франција. Во досегашниот тек од квалификациите, Украина е второпласирана во групата со девет бодови, четири повеќе од македонската репрезентација на третата позиција. ег/ар/

Остани поврзан