„Македонија Опен“ да стане дел од традиција во македонскиот спорт
- Со почетокот на ATP Challenger турнирот Macedonia Open беше одржана и прес конференција за турнирот кој е од рангот Challenger 75 за запознавање на јавноста со тенисерите кои овие седум дена ќе бидат дел од тениските случувања на терените на ТК Југ во Градски парк.
Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Со почетокот на АТП Чаленџер турнирот „Македонија Опен“ беше одржана и прес конференција за турнирот кој е од рангот Challenger 75 за запознавање на јавноста со тенисерите кои овие седум дена ќе бидат дел од тениските случувања на терените на ТК Југ во Градски парк.
-Минатата година ветивме и на тоа остануваме, па така и оваа година организираме престижен АТП Челинџер турнир, со награден фонд од 82.000 долари. Наша замисла е овој турнир да биде дел од македонската традиција. Согласно правилата за организација на ваков турнир, федерацијата прави огромни напори, но секако потребна е голема поддршка и помош и од државата како и учество на приватниот сектор преку спонзорства за покривање на сите трошоци. Исто како и минатата година, турнирот се одржува на една недела пред Грен слем турнирот Роланд Гарос. Сметаме дека тоа е исправна одлука особено што на турнирот има играчи кои имаат за цел да направат скок на АТП листата, па така рангот на тенисерите е од 230-300.то место, а нивна цел е пласман во ТОП 100. Ланскиот случај со финалистот Франциско Комесана е најдобар пример, сега е на 87.место на АТП листата, истакна претседателот на федерацијата Александар Ивановски.
Настап имаат, продолжи тој, и играчи кои имале добар ранг, но поради повреди сега имаат нешто послаб ранг.
-Тука пред се мислам на Италијанецот Марко Чечинато, кој има победа и против Новак Ѓоковиќ на Роланд Гарос, а беше и на 16.место на АТП ранг листата (најдобар ранг), тука е и Јиржи Весели од Чешка, кој пак има две победи (нема пораз) над Ѓоковиќ, а бил и високо рангиран. Секако во кругот на тие играчи е и Николоз Басилашвили од Грузија, финалист на Мастерс 1000 турнирот во Индијан Велс, како и победник на пет АТП турнири (три од серијата АТП 500 и два од серијата АТП 250). Од младите тенисери тука е најдобриот јуниор на светската листа во моментов Жоел Шверцлар од Австрија, потоа Федерико Чина, како и хрватските тенисери Матеј Додиг и Лука Микрут, истакна Ивановски.
Носителите настапот во Скопје ќе го искористат за подобрување на својот ранг особено што покрај паричната награда добиваат и 75 поени, а финалистот 44.
-Прв носител е Чун Сенг, кој има 22 години, а во 2018 година беше најдобар јуниор и со најдобар ранг на 82.то место. На турнирот ќе настапат и играчи кои се во добра серија на резултати: Ерги Киркин, кој има победа на еден челинџер турнир и на два фјучрси (оваа пролет), потоа Романецот Филип Кристиан Жиану – четири победи на фјучрс турнири, Готие Онслиен, кој има триумф на челинџер турнир во Прага (финалист Јиржи Весели). Секако нема да заборавиме и на турнирот во двојки кој ќе биде исклучително атрактивен особено што од 16 комбинации дури 13 настапуваат исклучиво во двојки. Македонските тенисери (Димитар Грабул, Берк Бугариќ, Шендрит Деари и Амар Хусеиновиќ) настапија во квалификациите, каде беа елиминирани, а тројца од нив ќе играат и во двојки: Грабул и Бугариќ заедно, додека Хусеиновиќ ќе настапи со Федерико Чина, изјави Горан Шевченко, директорот на турнирот.
На турнирот во двете конкуренции настапуваат 67 играчи од 33 држави, а најмногу има од Италија – 7, од Индија има 5, а од Франција, Полска, Чешка и Македонија – 4. Од 18 држави има по еден тенисер.
Полуфиналните мечеви во двете конкуренции се играат во петок на 24.мај, додека во сабота на 25.мај е финалето во двете конкуренции. дс
Фото: Тениска федерација на Северна Македонија