• среда, 15 мај 2024

Ученици помогнаа на самохрана мајка со малолетно дете во Кавадарци

Ученици помогнаа на самохрана мајка со малолетно дете во Кавадарци

Кавадарци, 7 мај 2024 (МИА) -  Ученици помогнаа на самохрана мајка со малолетно дете во Кавадарци, со свои активности обезбедија финансиски средства за купување фрижидер и масичка за своите сограѓани, соопштија попладнево од кавадаречкиот Црвен крст. Оттаму информираа дека станува збор за млади волонтери во оваа хуманитарна организација, здружени под името „Надеж". 

- Младите хуманитарци се раководеа од потребите на ова семејство во социјален ризик. Активностите беа во рамките на програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција - промоција на хумани вредности. Се работи за ученици од Основното општинско училиште „Тошо Велков Пепето", кои, за овој проект, ја имаа поддршката од наставничката Орхидеја Димовска, појаснија од Црвениот крст. 

Оттаму информираа дека учениците ја постигнале крајната цел, ги обезбедиле потребните финансиски средства, преку организирање разни хуманитарни активности - спортски турнир и музички концерт во училиштето, ликовен конкурс, музички концерт во концертната сала на ООМБУ „Лазо Мицев Рале", првоаприлски базар на градскиот плоштад во Кавадарци и од други активности.

- Учениците за цело време на проектот работеа под менторство на нивниот дисеминатор Даниела Лазовска од Црвениот крст Кавадарци, а поддршка имаа од директорот и наставниот кадар од нивното училиште. Исто така, поддршка добија и од младите волонтери од ООУ ,,Димката Ангелов Габерот" од Ваташа, соопштија од Општинската организација на Црвениот крст. свд/хс/


Фото: Црвен крст Кавадарци 

Остани поврзан