Украина тврди дека уништила руски авион Су-27 на аеродром во Русија
- „Отпорот против режимот во Кремљ расте во Русија“, соопштија разузнавачките власти. Додадоа дека „секоe злосторство против украинскиот народ ќе биде соодветно казнето“.
Киев, 27 јули 2025 (МИА) - Главната разузнавачка управа на Украина соопшти дека вчера изутрина бил уништен руски борбен авион за обука Су-27УБ на аеродромот Армавир во руската Краснодарска област.
Како доказ, украинската служба објави видео на кое се гледа моментот на уништување на леталото. Се наведува дека авионот припаѓал на руските Воздушно-вселенски сили. По експлозијата, жителите на околните места пријавиле прекини во комуникациските врски.
Су-27УБ е двоседна варијанта на советскиот повеќенаменски ловец Су-27, првенствено наменет за обука, но целосно борбено способен. Аеродромот Армавир е главна база за обука на кадети од Краснодарската висока воена воздухопловна академија.
„Отпорот против режимот во Кремљ расте во Русија“, соопштија разузнавачките власти. Додадоа дека „секоe злосторство против украинскиот народ ќе биде соодветно казнето“.
Овој напад следува по серија претходни украински операции. Во јуни беа нападнати најмалку пет руски воени бази во Мурманск, Иркутск, Рјазањ и Амур, каде беа стационирани стратешки бомбардери и извидувачки авиони.
Украинската служба за безбедност (СБУ) потврди дека ја извршила големата операција со дронови под кодно име „Пајажина“, при што, според нејзини податоци, биле оштетени или уништени 34 отсто од руските носачи на стратешки крстосувачки ракети. Според проценките на СБУ, штетата од овие напади изнесува околу седум милијарди долари, иако независна потврда сè уште нема. ссм/
фото: принтскрин