• сабота, 16 ноември 2024

Трајанов предложи закон за формирање независна  агенција за борба против корупција и криминал 

Трајанов предложи закон за формирање независна  агенција за борба против корупција и криминал 

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Пратеникот и претседател на Демократски сојуз Павле Трајанов на прес-конференција во Собранието соопшти дека денеска до собраниските служби поднел Предлог -закон за борба против тешките облици на организиран кримиал и висока корупција, кој како што вели, ќе овозможи искоренување на тешките облици на корупција, неселективна војна против криминалот и имплементација на европските вредности.

-Скоро сите имаме единствен став, а такви се ставовите и на ЕУ и на САД дека Македонија е криминализирана држава, дека се загрозени основноте вредности, правата на граѓаните, но што е најбитно загрозен е опстанокотна државата и Уставниот поредок. Поради тоа мислам дека со овој закон навистина ќе се престроиме и определиме кои сме за ЕУ, за вистинска борба против тешките облици на криминал и корупцијата, а кои само вербално зборуваат за борба против криминалот, а досега ништо не преземаа, рече Трајанов, образложувајќи ги причините за поднесување на законот во постапка пред Парламентот.

Тој предлага да се формира независна агенција надвор од политичката и партиска моќ, која, вели, ќе биде отпорна на какви било партиски, коруптивни или бизнис влијанија, составена од професионалници кои ќе можат да работат на откривање тешки облици криминал кои го прават носители на високи државни функции.

Агенцијата, вели, треба да работи и на откривање на скриениот имот на носители на државни позиции кој го стекнале на криминален начин. Новина, според него, е тоа, што доколку се открие таков нелегално стекнат имот, а е стекнат за време на извршување на функцијата, тој имот задолжително да се конфискува. Предлага и заштитна мерка - забрана на политичко дејствување до 10 години, ако некој е осуден за вклучесност во тешки облици на организиран криминал.  

Освен што ќе открива тешки кривични дела со вредност над 100. 000 евра вредност, таа треба да ги следи и јавните набавки преку кои, вели тој, се одлеваат милиони евра во приватни џебови, бидејќи според него над 90 проценти од нив се наместени.

-Во РСМ има седум агенции за борба против корупцијата, меѓутоа тие се сите политизирани, не можат да функционираат и затоа предлагам ваква независна Агенција. Јавно ги повикувам сите пратеници и политички партии, да се приклучат како предлагачи на овој законски проект и да успееме преку јавна расправа до крајот на март да го донесеме овој закон. Со отворање војна против корупцијата и криминалот навистина ќе зачекориме кон европските вредности  и тоа е систем како и на кој начин да се стигне до полноправно членство во ЕУ. Се друго, поделбите за тоа кој е против или за ЕУ, се класични манипулации и тие не не доближуваат до ЕУ и европските стандарди, рече Трајанов.

На новинарско прашање оцени дека Државната комисија за спречување корупција има значителни напори да направи нешто, но, вели, нема некои резултати. Оваа агенцијата која тој ја предлага појасни дека според конструкцијата што ќе ја има ќе биде единствена која ќе се бори со корупцијата и ќе биде независна самостојан и високо професионална. Оваа агенција, нагласи, ќе има и класични полициски овластувања како американската ФБИ и ќе можат да ги користат ПИМ мерките.

-Дали имате институција која, меѓу другото ќе добие информации и преку медиумите, кога ќе отвори истрага како и на кој начин се вршат набавките во ЕСМ. Преку директни спогодби, тоа е едно што треба да се проверува или како и на кој начин се вршеа јавните набавки за време на пандемијата од страна на надлежните институции – набавката на лекови, на вакцините итн. Дали една од институциите се посомнева дека тука има грабеж, криминал, корупција за да отвори оперативна истрага, а имаат механизам, имаат врвни експерти, можат да користат посебни истражни мерки итн., но тоа досега не се случило, вели Трајанов според кого, единствена институција која работи професионално е Државниот завод за ревизија што може да се види од нивните извештаи. вг/лв/

Остани поврзан