• сабота, 21 декември 2024

Ангелова: Со Буџетот за 2025 година предвидени повисоки плати за наставниците и инвестиции во капиталните проекти во образованието

Ангелова: Со Буџетот за 2025 година предвидени повисоки плати за наставниците и инвестиции во капиталните проекти во образованието

Скопје, 16 ноември 2024 

Буџетот за 2025 година, не е само документ со финансиски план, туку одраз на силната одлучност на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за подобра иднина и перспектива за нашите поколенија.

Оваа година ставаме посебен акцент на образованието – темелот на секое силно и напредно општество.

Буџетот за образование е зголемен за 3 милијарди денари, со што докажуваме дека вложувањето во нашите деца, во нивниот квалитетен раст и развој, е врвен приоритет. Образованието не е трошок. Тоа е најдобрата инвестиција во иднината на нашата држава.

Во 2025 година, сите наставници, од основното, средното и високото образование ќе земаат повисоки плати. Ова е заслужена награда за нивната посветеност и неуморна работа во образовниот процес. Веруваме дека повисоките плати ќе бидат мотив за уште поголема посветеност и квалитет во наставата.

Годинава, министерството за образование и наука има еден од највисоките буџети за капитални инвестиции, кој е зголемен за дури 115 милиони денари во однос на 2024 година. Овие средства ќе бидат насочени кон изградба и обнова на училишта, модернизација на образовната инфраструктура и обезбедување подобри услови за нашите ученици и наставници.

Дополнително, за првпат воведуваме нова потпрограма за капитални образовни инфраструктурни проекти во општините, со вкупна вредност од 133 милиони денари. Ова значи изградба на нови училишта, сали, лаборатории и други објекти кои директно ќе ги подобрат условите во кои учат и се развиваат нашите деца.

Нашата цел е јасна – да создадеме современ образовен систем кој ќе ги инспирира младите генерации и ќе им овозможи да ги остварат своите потенцијали. Зголемувањето на буџетот за образование, повисоките плати за наставниците и инвестициите во капиталните проекти не се само бројки. Тие се израз на нашата решителност и посветеност да го направиме образованието двигател на промените и клучен фактор за развојот на Македонија.

Изјава на Емилија Ангелова, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан