• петок, 22 ноември 2024

Суд во Хонг Конг осуди двајца новинари на затворски казни за поттикнување бунт

Суд во Хонг Конг осуди двајца новинари на затворски казни за поттикнување бунт

Хонг Конг, 27 септември 2024 (МИА) - Суд во Хонг Конг осуди двајца новинари кои го уредуваа продемократскиот дневен весник Стенд Њуз на затворски казни, откако беа прогласени за виновни за поттикнување бунт.

Новинарите Чунг Пуи-куен и Патрик Лам објавија написи за задушувањето на граѓанските слободи во Хонг Конг, кој е под кинеска власт, јави Би-Би-Си. Чунг е осуден на 21 месец затвор, додека Лам беше осуден на 11 месеци, но беше ослободен од медицински причини.

Издавачот на сега веќе непостоечкиот весник, Бест Пенсил, е казнет со 643 долари.

Ова беше прво судење на новинари за поттикнување бунт во Хонг Конг откако Велика Британија ѝ ја предаде територијата на Кина во 1997 година. По долго судење што започна во октомври 2022 година, судијата Квок Ваи-кин Квок откри дека написите на двајцата новинари повикуваат на бунт и дека весникот Стенд Њуз станал „опасност за националната безбедност“.

Групите за човекови права, како и западните земји и САД, ги осудија ваквите казни изречени на новинарите.

Стенд Њуз беше меѓу последните отворено продемократски весници во Хонг Конг сè додека не беше затворен во декември 2021 година, кога повеќе од 200 полицајци учествуваа во упад во редакцијата. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан