• понеделник, 20 мај 2024

„Сто години Шопова светлина“ - нова книга на Кристина Николовска

„Сто години Шопова светлина“ - нова книга на Кристина Николовска

Скопје, 17 август 2023 (МИА) - Во издание на „Панили“ од Скопје, од печат излезе критичко - есеистичката книга „Сто години Шопова светлина“ од професор доктор Кристина Николовска, информираат од „Матица“.

Како што се појаснува во соопштението, во книгата, „авторката го проследува животниот и творечкиот пат на големиот македонски врвен поет, општественик, преведувач духовен подвижник и дипломат, Ацо Шопов. На страниците од своето најново научно дело, авторката ги согледува и растајнува поетичките и стилистичките доминанти на големиот поет преку неколку методолошки постапки“.

- За посеопфатно да се осознае поетичката суштина, таа длабоко навлегува во „внатрешните“ процеси на поезијата. Всушност, го открива Шопов како бесконечен „рудник“ на научни сознанија од кој преку соодветни процедури, има можност да се откријат, дефинираат, опишат и толкуваат длабинските слоеви на оваа повеќеслојна и комплексна поезија, се додава во соопштението.

Кристина Николовска е писателка, теоретичар на литературата, експерт за креативна култура, универзитетски професор. Добитник е на книжевни признанија, меѓу кои и на наградата за дебитанска книга на Струшките вечери на поезијата во 1988 година и на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. бд/са/

Фото: „Матица“

Остани поврзан