• петок, 22 ноември 2024

Шест наградени автори на фестивалот „Книжевен круг“

Шест наградени автори на фестивалот „Книжевен круг“

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - На Меѓународниот фестивал „Книжевен круг" утре во Културниот центар Феникс во Скопје ќе бидат доделени шест награди на авторите Александар Прокопиев, Трајче Кацаров, Томислав Османли и Горјан Петревски од нашата држава, како и на Иван Војиновиќ од Црна Гора и Владо Јаневски од Австралија.

Фестивалот почнува утре и ќе трае до 4 јуни оваа година.

Фестивалот ќе почне со читање хаику поезија на повеќе од десет автори во Гимназијата „Никола Карев” во Скопје, при што ќе биде врачена и наградата „Хаикин“ на писателот Александар Прокопиев - за посебен придонес на планот на Хаику творештвото.

Како што најавија организаторите, во Културниот центар „Феникс” ќе се одржи Вечерта на чајот и читањето со Класична кинеска поезија. Потоа, ќе бидат врачени наградите „Отворен круг” на писателот Трајче Кацаров - за иновации и експерименти во книжевноста и наградата,  „Премостувања” на писателот Томислав Османли - за афирмација и презентација на македонското литературно творештво во странство и „Литературни координати” на писателот Иван Војиновиќ  – за соработка и доближување на литературите. Вечерта ќе заврши со средбата и претставувањето на наградените автори.

Следниот ден, исто така во Културниот центар „Феникс”, ќе биде врачена наградата „Македонски корени” на писателот Владо Јаневски – за неговото литературно и ликовно творештво, а ќе настапат и повеќе писатели кои создаваат во земјава и странство.

Меѓународниот фестивал „Книжевен круг ќе заврши на 4 јуни во Општината Кисела Вода, со претставувањето на автори и илустратори на книги за деца и млади и доделувањето на наградата „Големиот Принц” на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади, а ќе бидат презентирани и литературни и ликовни творби од ученици на тема „Културно наследство”.

На Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” се очекува да настапат повеќе од педесет македонски и странски автори. бт/аа/

Фото: МИА архива


 

Остани поврзан