• недела, 28 април 2024

Стоп за трката со глисери на Охридското Езеро, порака од Охрид на одбележувањето на Светскиот ден на водата

Стоп за трката со глисери на Охридското Езеро, порака од Охрид на одбележувањето на Светскиот ден на водата

Охрид, 23 март 2024 (МИА) – Со забавно-едукативен настан одржан денеска на Градскиот плоштад во Охрид беше одбележан 22 март - Светскиот ден на водата, што оваа година глобално се одбележува под мотото „Вода за мир“.

Иницијативата на Општинската организација на Црвениот крст и Центарот за јавно здравје од Охрид, со поддршка на бројни еколошки и спортски здруженија и организации од Охрид и Албанија, има за цел да се истакне вредноста на Охридското Езеро како огромен природен базен на питка вода, што во услови на  зголеменото влијание на климатските промени, зголемување на населението, наметнува итна потреба, внатре и помеѓу двете земји Албанија и С.Македонија, обединување и сериозен пристап во неговата заштита.

На настанот беше посочена опасноста што за Охридското Езеро и неговиот еко-систем претставува евентуалното одржување на настанот од Светското првенство во трка со чамци „Формула 1“, претходно најавен дека ќе се одржува во јули оваа година во акваторијата пред албанскиот град Поградец.

Тоа според активистите за заштита на животната средина и еколозите претставува атак врз езерото, неслучајно заштитено од УНЕСКО поради својата глобална вредност и природна реткост.

Во насока на спречување на одржувањето на настанот, педесеттина еколошки здруженија и граѓански здруженија од Македонија и Албанија испратија писмо до сите надлежни институции и субјекти, вклучително и до УНЕСКО.

- На веб-стрaницата на „F1 H2O“ уште пред месец дена кај предвидената трка стои „непотврдено“, така што очекуваме предвидениот настан да биде откажан односно одржан на некоја друга локација. Охридското Езеро како природно богатство заштитено од УНЕСКО е најстар езерски еко-систем во Европа и најголем резервоар на питка вода на континентот, оттаму нашата обврска да сториме се за да ја зачуваме таа убавина и тој ресурс, рече Драгана Карашова, еден од иницијаторите на Движењето „Стоп F1 H2O“.

Таа посочи дека со секоја иницијатива поддржана од двете страни на границата, може позитивно да се делува, да се притиска таму каде што треба за позитивни промени кон развој на одржлив, наместо туризам што ги уништува природните ресурси. аб/ев/

фото/МИА

Остани поврзан