• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Стерјовски: Ромите се важен дел од културната и општествената разноликост на Албанија

Стерјовски: Ромите се важен дел од културната и општествената разноликост на Албанија

Дебар, 8 април 2025 (МИА) – Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски во свое и во име на партијата и на Македонците во Албанија упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, ден „посветен на афирмација на ромската култура, историја и борба за еднаквост и достоинство“.

-На овој ден со особена почит го спомнувам мојот драг пријател Арбен Костури, кој прерано нè напушти пред четири години. Арбен беше бескомпромисен борец за човековите и малцинските права и направи многу за достоинството и правата на Ромите во Албанија. Со него соработувавме долги години токму на ова поле – за еднаквост, правда и почит за сите заедници, стои во објавата на Фејсбук, каде објавува и фотографија со Костури.

Се додава дека Ромите се важен дел од културната и општествена разноликост на Албанија.

-Време е институциите сериозно да се посветат на унапредување на условите за живот и работа на Ромите, обезбедување на квалитетно образование, нивна еманципација и целосна интеграција во општеството. Нека 8 Април биде поттик за заедничка акција, солидарност и градење на општество на еднаквост и меѓусебна почит, порачува Стерјовски во честитката.

Со законот за малцинствата од 2017 година, Ромите се едно од деветте признати малцинства во Албанија, кое има и член во комитетот за национални малцинства, што е владин орган. вт/мч/

Фото: МАЕИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан