• петок, 02 август 2024

Британскиот премиер Стармер ќе се сретне со полициски началници поради немирите по нападот врз децата во Саутпорт

Британскиот премиер Стармер ќе се сретне со полициски началници поради немирите по нападот врз децата во Саутпорт

Лондон, 1 август 2024 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер денеска ќе се сретне со полициските началници по втората последователна ноќ на судири меѓу демонстрантите и полицијата ширум земјата. Немирите беа предизвикани од убиството на три мали девојчиња и сериозното ранување на пет други деца кои беа нападнати со нож на детски летен час за танцување и јога во крајбрежниот град Саутпорт, северозападна Англија.

Насилни демонстрации се одржаа вчера низ целата земја, вклучително и во градовите Манчестер, Хартлпул и Олдершот, забележува ДПА.

Протести против имигрантите се одржаа и во Лондон, при што илјадници демонстранти се собраа во близина на резиденцијата на Даунинг Стрит, извикувајќи слогани како „Спасете ги нашите деца“ и „Сакаме да си ја вратиме земјата!“.

„Над сто лица се уапсени за злосторства, вклучително и насилни нереди, напад врз вработен во службата за итни случаи и прекршување на условите за одржување протест. Некои луѓе се здобија со полесни повреди“, објави полицијата.

Претходната ноќ во Саутпорт избувнаа жестоки судири меѓу демонстрантите и полициските службеници, при што беа повредени повеќе од 50 полицајци.

Кабинетот на британскиот премиер соопшти дека Стармер денеска ќе се сретне со полициските началници за да „понуди целосна поддршка од владата“ по бранот екстремно насилство и нереди на улиците во земјата. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан