Средба Меџити – Сецуко: Силно партнерство во областа на животната средина
- Важноста од блиско и долгорочно партнерство меѓу двете земји, особено во областа на заштитата на животната средина, беше истакната на денешната работна средба во Скопје меѓу првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и јапонската амбасадорка во земјава Кавахара Сецуко.

Скопје, 7 април 2025 (МИА) - Важноста од блиско и долгорочно партнерство меѓу двете земји, особено во областа на заштитата на животната средина, беше истакната на денешната работна средба во Скопје меѓу првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и јапонската амбасадорка во земјава Кавахара Сецуко.
Меџити, информираат од неговиот кабинет, рече дека средбата е доказ за посветеноста на новата Влада за интензивирање на соработката со Јапонија и заедничко реализирање на одржливи еколошки иницијативи и зелен развој во земјава.
Амбасадорката Сецуко, пак, ја изрази подготвеноста на Јапонија да продолжи со поддршка на проекти поврзани со заштита на природата, подобрување на квалитетот на воздухот, управување со водите и зачувување на биолошката разновидност во Северна Македонија.
Воедно Меџити се заблагодари за досегашната поддршка и за експертизата што ја понуди Јапонија во спроведувањето на еколошките проекти во земјава, но и во регионот, нагласувајќи ја важноста на меѓународната соработка во справувањето со глобалните прашања како што се климатските промени и зачувувањето на биолошката разновидност, ценејќи ги можностите што ги нуди ова партнерство.
Амбасадорката Сецуко и министерот Меџити ја изразија посветеноста на двете страни да продолжат со тековното партнерство, обезбедувајќи блиската соработка да води кон подобрување на еколошките услови за сите граѓани.вј/нд/
Фото: МЖСПП