• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Костова: СДСМ прифаќа формирање анкетна комисија со опфат и на други трагедии покрај кочанската

Костова: СДСМ прифаќа формирање анкетна комисија со опфат и на други трагедии покрај кочанската

Скопје, 14 април 2025 (МИА) - Треба да се формира анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани, иако таквото тело не е механизам што може да ја замени или надополни потенцијалната недобра работа на Обвинителството, истакна вечерва потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.

-Затоа чекаме да видиме. Гледаме во која насока се движи истрагата. Од ден во ден добиваме се повеќе потврда, не само ние како СДСМ, туку и јавноста, како се одвива истрагата и како упорно се обидуваат да се навраќаат во минатото, а игнорираат се што е нивна директна одговорност првенствено во Министерството за внатрешни работи, рече Костова во вечерашното интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Таа нагласи дека СДСМ нема проблем потенцијалната анкетна комисија да опфати и претходни трагедии.

-Мора да потсетиме како ДПМНЕ го користеше овој механизам пред само неколку години, кога се покажа пред неколку месеци дека Рашела Мизрахи во таа анкетна комисија и пред јавноста ги криела извештаите за шестмесечното работење на клиниките за кои наводно, велеше таа, дека не постоеле такви извештаи од времето на министерување на Венко Филипче. За таква грозоморна ситуација тие се обидоа да ловат политички поени преку криење докази и доказни материјали од јавноста, рече Костова.

Потпретседателката на СДСМ не се согласува дека партијата останала тивка во неделата по трагедијата во Кочани оставајќи простор власта да го моделира јавното мислење. Таа рече дека 16 март ќе се памети како живот пред и живот по трагедијата.

-Јас доаѓам токму од тој регион. Ние или познаваме или сме семејства и блиски на тие жртви. Таква трагедија не смее да биде употребувана како поле за политички пресметки или да се злоупотребува за да се освојуваат политички поени. Во минатото кога ДПМНЕ беше опозициска партија постапуваа така. Тие беа безкрупулозни во нивните јавни изјави. Но, сметаме и тогаш, но и сега дека таквите постапки се пред се нечовечки, вели Костова.

На прашањето колку пасивноста на СДСМ се должи на тоа што актуелниот лидер Венко Филипче беше министер за здравство кога се случи трагедијата во модуларната болница во Тетово, па тоа не ѝ дава морално право на СДСМ да поставува прашања за одговорност во случајот со Кочани, Костова рече дека нивната постапка не би ја нарекла пасивна, ниту дека немаат право на прашања.

Според Костова, прашањето дали отсуството на протести по Кочани значи дека граѓаните сметаат оти власта добро се справува со ситуацијата по трагедијата, бара посеопсежна анализа.

-Автократските тенденции на оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е нешто што е забележано во изминатите месеци и не можеме да кажеме дека нема влијание и врз однесувањето на она што би било критична маса. Од друга страна, може да се забележи, исто така, многу жестоко пропагандно однесување и поклопување или обиди за поклопување на слободната, пред се во медиумите, мисла. Така што, ова се комплексни причини поради кои јас не би се согласила дека одговорот може да е толку едноставен, рече потпретседателката на СДСМ, Костова.фф/лв/

Фото: Принтскрин од 360 степени

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан