• среда, 20 ноември 2024

Сочувство од Бигорската Обител по немилиот настан во Русија

Сочувство од Бигорската Обител по немилиот настан во Русија

Дебар, 25 март 2024 (МИА) - Свештената Бигорска Обител, со својот Старец, Епископ Антаниски г. Партениј изрази длабоко сочувство по немилиот настан во Москва, во кој животот го загубија 145 лица, меѓу нив и деца.

- Вестите за грозоморниот, нечовечки и буквално егзекуторски чин од концертната сала „Крокус Сити Хол", во Москва, Руска Федерација, го трогна до плач и болка секое мирољубиво срце низ светот. Овој настан уште еднаш го потврди непишаното правило дека во секоја војна, во секој чин на омраза, при секое недоразбирање, кои се плод на отуѓувањето од Бога на човекот, најмногу страдаат невините и недолжните, стои во објавата.

Се додава дека невините жртви секаде, во секој конфликт, се „објект на нашето христијанско сочувство и треба да бидат во нашиот молитвен спомен".

- Свештената Бигорска Обител, со својот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, го изразува своето најдлабоко сочувство до семејствата, роднините и пријателите на загинатите во злокобниот терористички акт во Москва. Усрдно се молиме, Милостивиот Бог да ги упокои душите на починатите и да ги приопшти во лоното Авраамово, да ги утеши ожалостените а на повредените им посакуваме да им дарува скоро закрепнување, се наведува во објавата. вт/дма/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан