• вторник, 05 ноември 2024

Сите седници на работните тела на Собранието сега може да се гледаат во живо на интернет страницата на законодавниот дом

Сите седници на работните тела на Собранието сега може да се гледаат во живо на интернет страницата на законодавниот дом

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Граѓаните отсега може да ја следат во живо дискусијата во рамки на работните тела на Собранието на Република Северна Македонија, независно од тоа во која сала се одржуваат комисиските седници.

Директните преноси од седниците на комисиите и на другите работни тела, како и од пленарните седници, може да се гледаат преку интернет страницата на Собранието (sobranie.mk), во секцијата насловена „Собранието во живо“.  

-Оваа новина, која е во насока на подигање на нивото на транспарентност и отчетност во работата на законодавната власт, согласно со Стратешкиот план на Собранието, е овозможена преку реализација на проектот за опремување на салите со видео и аудио опрема, поставување медиа сервер и негово поврзување со веб-страницата, се вели во соопштението од Собранието.

Проектот го реализираше Службата на Собранието, преку Секторот за информатички и комуникациски технологии, а со финансиска поддршка од Програмата за парламентарна поддршка (ПСП). 

-Така е овозможен истовремен видео пренос од сите сали во Собранието и следење во живо на веб-страницата на Собранието или гледање на видео материјал на барање од архивата на настани, со вградени филтри за пребарување, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Собранието.

Можности за директен пренос на седниците се обезбедени во сите сали во кои се одржуваат средби и седници на собраниските комисии, чии активности се најавени на веб-страницата на Собранието. 

На јазичната верзија на албански јазик на веб-страницата, директните преноси ќе одат со симултан превод.

Со создавањето услови за преноси во живо од сите седници на работните тела, Собранието, како законодавна власт и претставнички дом на граѓаните, нагласуваат оттаму, прави уште еден голем исчекор во однос на јавноста  во работењето, откако со новата интернет страница, пред две години, првично беше создадена можност за директни преноси на седниците на комисиите што се одржуваа во салата „Борис Трајковски“. сст/са/

фото МИА архива

Остани поврзан