Силниот ветер во Струмичко урна покрив, откорна дрвја и искина електрични кабли
- Силниот ветер, кој во струмичко дува со брзина од над 80 километри на час, досега предизвика штети на повеќе места уривајќи покрив, откорна дрвја и искина електрични кабли.
![Силниот ветер во Струмичко урна покрив, откорна дрвја и искина електрични кабли](https://new.mia.mk/images/20231118150230_big_730x400_46.webp )
Струмица, 18 ноември 2023 (МИА) – Силниот ветер, кој во струмичко дува со брзина од над 80 километри на час, досега предизвика штети на повеќе места уривајќи покрив, откорна дрвја и искина електрични кабли.
Според информацијата од командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, најмногу штета има во општинскиот центар Василево каде е урната лимена покривна конструкција на еден објект во непосредна близина на училиштето, а еден дрвен столб за пренесување струја е оштетен.
-Досега имавме четири интервенции во градот и Василево. На три улици имаше пријавено дека ветрот откорнал дрвја. Нашите екипи интервенира и ги отстранија остатоците. За среќа од падот на дрвјата нема повредени и не се предизвикани поголеми штети, изјави за МИА Гудев.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Регионален центар Струмица, информираа дека покрај досегашните штети кај нив е пријавено дека во селото Костурино има искинати кабли за пренос на струја и дека се работи на санирање на штетите.
Според земјоделци, на удар на силниот ветер се и пластениците под кои најмногу има засадено зелка. Засега не се евидентирани поголеми штети, освен кај пластеници кои се покриени со постари полиетиленски платна. рт/сх/
Фото: МИА и ТППЕ Струмица