• сабота, 23 ноември 2024

Општина Битола: Побарана соработка со МВР и АХВ поради агресивни кучиња

Општина Битола: Побарана соработка со МВР и АХВ поради агресивни кучиња

Скопје, 28 јуни 2024

Општина Битола, додека ги завршува подготовките за отпочнување на непречено функционирање на прифатилиштето за бездомни кучиња, констатира нов проблем на неодговорно сопствеништво, што деновиве предизвика страв и паника кај неколку граѓани. Во пријавените случаи, агресивни кучиња се испуштаат низ улиците или пак, милениците се изложени на нехуман и неправилен третман, што може да претставува и потенцијална опасност.

Пријавениот случај во паркчето во близина на Центарот за јавно здравје Битола, предизвика вознемиреност и итен аларм за постапување, затоа што станува збор за напад врз наша сограѓанка од страна на куче со ремче без сопственик, а поради агресивноста на истото граѓаните кои се затекнале на местото на настанот, не можеле да го совладаат. Кучето гравитирало на територија ул. Димче Лахчански – Нов Пазар – Парк на улица Цар Самуил, поради што голем број од граѓаните во овој дел живеат во страв поради нова опасност.

Општина Битола, веднаш ги презеде потребните мерки согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за заштита и благосостојба на животните и испрати Налог за постапување до ПРОВЕТАЛЕК ДООЕЛ увоз-извоз Новаци, кој деновиве врши проверки на посочената локација со цел кучето да биде заловено и соодветно третирано согласно член 28 (Бездомни кучиња) од споменатиот закон, каде што стои: општината е надлежна да врши собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрираните кучиња и регистрирани кучиња доколку се затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и повремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта.

Дополнително, до општината испратени се и фотографии на кои јасно се гледаат големи и опасни кучиња од расата кангал, несоодветно придружувани од страна на малолетни лица во делот кај Безистенот. И во овој случај, извршено е прекршување на повеќе законски одредби, согласно член 30 од Законот за заштита и благосостојба на животните став (3) алинеа 2 ( при движење кучето треба да е врзано на поводник и да му се стави заштитна маска) и став (4) (Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице, а во случајот истите се држат наповодник од малолетни лица без маски).

Со цел на брзо и ефикасно решавање овај проблем и на проблемот со бездомните кучиња на територијата на општната, градоначалникот Тони Коњановски со писмен допис од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство, побара соработка и институционално решавање на проблемите со бездомните кучиња и неодговорното сопствеништво согласно нивните надлежности.

Одгледувањето на домашни миленици бара голема одговорност и вистинска грижа за истите, што е регулирано со соодветна законска регулатива. За секое непочитување на законот, со што се загрозува безбедноста на населението, но и на животните, предвидени се одредени глоби, кои мора активно да се применуваат за да се спречи појавата на нови, немили случаи.

Општина Битола, очекува зголемување на одговорноста на сопствениците, а преку соработка со институциите планира зачестени контроли на повеќе локации во градот, како и барање одговорност од секој кој постапил спротивно на законите, со што ги загрозил безбедноста на граѓаните и нивните основни човекови права.

 

Општина Битола

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: Општина Битола

Остани поврзан