• недела, 22 декември 2024

СЗО: Треба да се работи на обезбедување лекови без финансиски проблем за граѓаните

СЗО: Треба да се работи на обезбедување лекови без финансиски проблем за граѓаните

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Иако покриеноста со лекови во земјава драстично се подобрила последниве години, катастрофалните здравствени трошоци се уште се вистински проблем, особено за посиромашните семејства. Во 2018 година 80 отсто од плаќањата од џеб биле за амбулантски лекови, а овие плаќања сочинуваат 42 процента од вкупните здравствени трошоци што е далеку над просекот на ЕУ од 22 отсто, покажува еден од најновите извештаи на СЗО за Северна Македонија.

Како што рече денеска директорката за здравствени политики и системи во регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Наташа Азопарди Мускат, секој, независно од потеклото или околностите, треба да има пристап до здравствена заштита без да доживува финансиски тешкотии, а позитивната листа е клучна за постигнување универзална здравствена покриеност, бидејќи ја олеснува превенцијата на болестите.

-Јасно ми е дека повеќе од една деценија нередовното ажурирање на позитивната листа го попречува вклучувањето на веќе воспоставените, но и нови терапии кои станаа стандардни во клиничката пракса на други места што се достапни во многу други земји во европскиот регион. Ова секако влијае врз луѓето и резултира со трошоци. Јасни ми се и предизвиците со кои се соочувате во ажурирањето на позитивната листа и дека тие вклучуваат долги процеси,  како и недоволно финансирање за лекови. Потребите и барањата секогаш ги надминуваат ресурсите што ни се достапни. Но, сепак, има работи што можеме да ги направиме, како градење капацитет за проценки на здравствената технологија и потреба од стратешка ревизија на политиките за цени и надоместоци. Тука, во секоја мала земја, често се јавува и значајниот јаз во експертизата. Некогаш не сме во предност зашто треба да седиме на маса и да преговараме со мултинационални фармацевтски компании кои имаат мошне голема експертиза во нивниот профил, особено кога станува збор за новите скапи лекови. Оваа симетрија често води до тоа малите земји да не можат да преговараат ефективно и да имаат ефективни договори, истакна Мускат на работилницата за проширување на позитивната листа лекови, вели Мускат.  

Според неа, некогаш, со немањето пристап до лекови доволно брзо, потребни се многу поскапи интервенции, особено во однос на коморбидитетот. Тие не може да се избегнат, но може да се спречат.

-Денес премногу семејства ширум целиот регион се борат да врзат крај со крај и мора да изберат помеѓу плаќања на трошоците за здравствена заштита или за храна и основни потреби. Ова не е ситуација со која се соочува само вашата земја. Зголемената инфлација, прекините на синџирите на снабдување и лекови само ги влошија работите. Повторно кога нема лекови помалите пазари се оние што се соочуваат со тешки проблеми кога станува збор за пристап до нив по достапни цени. Иако системите за здравствена заштита во малите земји се многу различни, тие ги делат истите политички предизвици. И ние во СЗО ги препознаваме овие предизвици и сме тука за вас. Тука сме да ве поддржиме со техничка помош и меѓународна соработка, порача Мускат.

Таа подвлече дека без прифатлив пристап до безбедни и квалитетни медицински производи, постигнувањето добро здравје и универзална здравствена покриенсотст, ќе остане само далечен сон. 

Претставникот на СЗО за Северна Македонија, Аким Али најави дека следните неколку месеци ќе се креира систематски процес за ревидирање на позитивната листа во Северна Македонија. Како што напомена, неопходноста од пристап до лекови кои нема да предизвикуваат финсиски проблем за граѓаните е клучен проблем на кој мора да се работи.

-Го отвораме патот за многу силна амбиција, важна за сите во Северна Македонија - пристапот до безбедни, корисни и иновативни лекови. Мора да направиме избор кои лекови ќе бидат лиценцирани, од каде ќе ги купиме, од кого и по која цена. Иако има извезен напредок, ни претстои многу работа. Ова патување почнува денеска, но не завршува денес. Треба да се создаде систематски и институцијализиран процес што ќе биде безбеден, транспарентен и кој ќе одговори на потребите на граѓаните. Ќе стоиме покрај вас додека минувате низ овој предизвикувачки процес, додека не се задоволлат потребите на населението, рече Али и ја поздрави заложбата на македонските власти за ревидирање на позитивната листа на лекови, потенцира Али.

Претходно, во обраќањата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари порачаа дека секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни за квалитетен живот. Тие најавија проширување на позитивната листа и оценија дека мора јасно и транспарентно да се посочат предизвиците со кои се соочуваат институциите. Следниот клучен чекор, укажаа, е оптимизирање на финансирањето за проширување на позитивната листа. мч/ев/

фото: МИА и принт скрин

 

 

 

 

Остани поврзан