• петок, 28 јуни 2024

Се укинува српскиот динар во Косово, непознаници околу „транзицискиот период“

Се укинува српскиот динар во Косово, непознаници околу „транзицискиот период“

Приштина, 1 февруари 2024 (МИА) – Властите во Косово потврдија дека од денеска, 1 февруари, стапува во сила регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), со која се предвидува еврото да биде единствената валута за готовински плаќања во земјата, но ја оставија отворена можноста за преоден период за решавање на загриженоста на српската етничка заедница во Косово, која продолжува да го користи српскиот динар.

Одлуката на косовската Централна банка за укинување на динарот, поддржана и од Владата на Косово, предизвика загриженост и реакции кај српската етничка заедница во земјата и кај официјален Белград, но и кај меѓународната заедница, која воглавно бара да се обезбеди подолг транзициски период за нејзина имплементација, како и изнаоѓање решение за овој проблем во рамки на дијалогот меѓу Косово и Србија.

ЕУ: Да се обезбеди „прилично долг преоден период“ за укинување на плаќањето со динари

Европската Унија денеска побара од влстите во Приштина „прилично долг преоден период“ за имплементација на новата Регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), бидејќи, според Брисел, постои ризик од комплицирање на животот на граѓаните на заедниците, особено на српската, поради „недостиг на претходни консултации“.

ЕУ го повтори барањето ова прашање да се реши во рамките на дијалогот меѓу Приштина и Белград, што се води со посредство на Брисел.

Канцеларијата на ЕУ во Приштина соопшти дека краткиот преоден период за спроведување на Регулативата, „комбиниран со недостигот на информации и практични решенија за сите засегнати заедници, ризикува сериозно да ги комплицира нивните животи“.

- Европската Унија ја зема предвид Регулативата на Централната банка на Косово, која се очекува да стапи во сила денеска. Регулативата има за цел да ја зголеми транспарентноста на финансиските текови, да обезбеди финансиска стабилност и да се бори против перењето пари и фалсификувањето. ЕУ забележува дека Регулативата ќе влијае и на финансиската поддршка што косовските Срби ја добиваат од Србија. ЕУ е загрижена за последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници во Косово поради недостатокот на претходни консултации, особено за нејзиното влијание врз училиштата и болниците, со оглед на очигледниот недостаток на алтернативи во овој момент, се вели во реакцијата на ЕУ.

Унијата, исто така, „бара од Косово да обезбеди прилично долг транзициски период и да најде решение со преговори за ова прашање во рамките на дијалогот што го олеснува ЕУ“.

Бислими: Не ни е целта казнување, ќе инвестираме во информирање за одлуката

Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими, вчера ја потврди поддршката на Владата за новата Регулатива на ЦБК, и покрај меѓународниот притисок да се одложи извршувањето на одлуката. Меѓутоа, Бислими напомена дека наместо на казнени мерки, Владата во „транзицискиот период“ ќе инвестира во информирање и едукација.

Тој, како што јави дописникот на МИА од Приштина, најави дека ќе се обезбеди „лесна транзиција“, меѓутоа не кажа колку ќе трае преодниот рок.

- Имплементацијата на регулативата не значи забрана за трансфери од Србија и не значи можни финансиски казни за поседување валута на друга земја. Сепак, од 1 февруари нема да се дозволи увоз на пари доколку увозникот не е лиценциран од ЦБК, рече Бислими.

Тој рече и дека ќе има кампања за информирање на граѓаните и дека се надева на разговори меѓу централните банки на Косово и Србија за да се најде механизам за транспарентен трансфер на средства.

Според него, Владата на Косово е децидна дека „спроведувањето на законитоста во секој дел од територијата на Косово е безусловно и бескомпромисно“.

- Во исто време, Владата на Република Косово е посветена да обезбеди граѓаните да се приспособат што побрзо, лесно и без штета во евентуалните преодни периоди, рече Бислими.

Косовскиот вицепремиер порача дека треба да се отворат каналите за комуникација меѓу Централната банка на Косово и таа на Србија за да се олесни овој процес.

- Во уредувањето на овие модалитети има примери од минатото каде, на пример, владата на Република Косово испратила поддршка до општина Прешево (во јужна Србија), а потоа Централната банка на Србија автоматски ги претворала еврата во динари и ги префрлала на сметката на општина Прешево. Исто како што има безброј примери кога Република Србија испраќа дознаки во евра во соседните земји. Колку побрзо се постигне овој договор, толку е поголем придонесот на овие две централни банки за отстранување на евентуалните грижи, рече Бислими.

КВИНТ: Прашањето да се реши во рамки на дијалогот

Амбасадорите на земјите од групата КВИНТ, во која членуваат САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, побараа Косово да ја одложи примената на регулативата.

Преку заедничка изјава на почетокот на неделава, амбасадорите на КВИНТ порачаа дека суспензијата на одлуката треба да биде донесена за „да се овозможи доволен период на транзиција и јасна и ефективна јавна комуникација“.

- За ова прашање треба дополнително да се разговара во рамките на дијалогот што го олеснува Европската унија, се вели во соопштението.

Амбасадорите на КВИНТ велат дека регулативата на ЦБК за готовинските трансакции има за цел да ги намали фалсификуваните пари и да ја одржи финансиската стабилност, но исто така „покренува загриженост за влијанието, особено врз заедниците со српско мнозинсктво“.

- Загрижени сме за влијанието на регулативата особено врз училиштата и болниците, за кои во моментов не се чини применлив алтернативен процес. Регулативата, исто така, ќе има директно влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби кои добиваат исплати/финансиска помош од Србија, се вели во соопштението на амбасадорите на КВИНТ.

Претходно и официјален Вашингтон, преку својата Амбасада во Приштина, побара Косово да ја преиспита одлуката за стапување во сила на правилникот, со кој на Србите кои живеат во Косово ќе им се оневозможи користењето на динарот за готовински трансакции.

Османи: И овој предизвик да се надмине со поддршка на сојузниците на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи рече дека за целосно спроведување на оваа одлука, на Косово му е потребна поддршката од сојузниците.

- Бидејќи како што знаете, за секое прашање што има врска со северот на Косово, со проширувањето на суверенитетот и со безбедноста на државата, секогаш кога имаме сојузници покрај нас, овие предизвици се надминуваат и заштитата на нашиот Устав се реализира како целина, рече Османи.

Таа додаде дека очекува договор како да се имплементира регулативата.

- Членот 11 од Уставот налага Косово да има само една валута во оптек и употреба. Жално е што досега не се спроведуваше, како што налага Уставот... Се разговара за повеќе опции кои од една страна би го почитувале членот 11 од Уставот, но од друга страна ќе се остави малку време за информирање на граѓаните и нивно префрлање, да речеме, на нови сметки, за да може да се спроведе без никакви проблеми и со целосна поддршка на сојузничките земји, рече Османи.

Гувернер на ЦБК, Исмаили: Не ни е целта да им го отежниме животот на граѓаните

Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили изјави дека институцијата што тој ја води е подготвена за соработка со сестринската банка во Србија за олеснување на имплементацијата на одлуката.

- Подготвени сме како Централна банка да помогнеме доколку е потребно во техничкиот аспект и во другите неопходни аранжмани со Централната банка на Србија. Така, ние како Централна банка можеме да ги видиме можностите како да го олесниме овој процес, бидејќи на крајот на денот тоа се граѓани на Косово чии животи не треба да бидат отежнати од регулацијата на финансискиот систем на земјата, туку само треба да се подобри нивниот живот, изјави вчера Исмаили.

Тој нагласи дека употребата на други валути освен еврото е незаконско, подвлекувајќи дека регулативата не е против ниту една заедница, туку во функција на заштита на банкарскиот систем од фалсификувани банкноти, од активности кои финансираат тероризам и од перење пари.

Широка употреба на српската валута во северно Косово

Србија, која не ја признава независноста на Косово, продолжува да го користи динарот за исплата на пензии, социјални надоместоци и плати за паралелните институции што ги има во Косово.

Во Косово, во сите населени места со мнозинско српско население, граѓаните го користат српскиот динар за плаќање, а и оние кои работат во српските институции во Косово платата ја земаат во динари.

Со динари се исплаќаат и пензиите, според српскиот систем, како и детските додатоци и социјалните надоместоци. Во трговските објекти во Косово, во областите каде што живеат Срби, покрај еврото се користи и динарот.

Вицепремиерот Бислими изјави дека близу 27 илјади српски пензионери добиваат пензии и од Косово, на нивните банкарски сметки во валута во евра и дека можат да примаат пензии од Србија на истите сметки во евра.

Тој додаде дека илјадници други Срби се платени од косовските власти во евро валута на нивните банкарски сметки во Косово, а оние кои немаат банкарски сметки можат да ги отворат за да ги добиваат парите во евра во комерцијалните банки на север.

Бислими посочи дека меѓународната заедница не ја доведува во прашање законитоста на регулативата, посочувајќи ги неодамнешните средби на амбасадорите на КВИНТ со премиерот Албин Курти минатиот петок, како и посетата на специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак на Приштина во вторникот.

Регулативата со која се наложува плаќање во готовина во Косово само во евра ја подгреа загриженоста на Белград и политичките претставници на Србите на Косово, кои оценуваат дека оваа одлука го загрозува опстанокот на српската заедница. иа/ссм/

 

Остани поврзан