• петок, 28 јуни 2024

Се продлабочува соработката помеѓу културните установи од Делчево и Банско

Се продлабочува соработката помеѓу културните установи од Делчево и Банско

Делчево, 27 јуни 2024 (МИА) - Претставници на Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков - Вапцаров" од Делчево ја реализираа најавената посета на Народните читалишта ,,Просвета 1908“ и ,,Никола Јонков Вапцаров“ во с.Бање, Разлог и Банско, Р.Бугарија. 

Посетата се реализира во рамки на програмските активности од манифестацијата Вапцарови бранувања, а во рамки на разговорите со раководителите на двете установи од соседна Бугарија, договорена е долгорочна соработка на културно поле.

- За почеток договорено е Фолклорната група од Народно читалиште село Бање да гостува на 8 август 2024 во Делчево на Голачки Фолклорни средби, а Фолклорната група при НУЦК ,,Никола Јонков Вапцаров“ Делчево да гостува на 7. Национален фолклорен фестивал во с.Бање ,, Свири ми се, пее ми се , игра ми се“ во село Бање на 13/14/15 септември, информираше Љупчо Петровски, директор на Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" од Делчево

Во рамки на посетата, делегацијата од Делчево предводена од наставниците по македонски јазик и литература и ученици од двете основни училишта ООУ „Ванчо Прке“ и „Св.Климент Охридски“ се одржа литературната работилница ,,Аз, буки, веди – аманетот на словенските браќа Св. Кирил и Методиј".

-Децата се нишка со која ја ткаеме и чуваме иднината за да се погрижиме таа да биде светла. Затоа треба да им дадеме визија да го разбираат светот со Гоцевата мисла како поле за културен натпревар меѓу народите, беше главната порака на работилницата која заврши со потпишување Меморандум за соработка за продлабочување на соработката на културен план помеѓу училиштата од Делчево и Банско. вс/


Фото: МИА

Остани поврзан