Тетовски Театар со премиера на претставата „Тартиф“ според Молиер во режија и адаптација на Андреј Цветановски
- Тетовскиот театар утре и в сабота, со почеток од 20 часот ќе ја реализира премиерата на претставата „Тартиф“ според Молиер во режија и адаптација на Андреј Цветановски. Претставата ќе биде изведена на македонски јазик во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
Тетово, 27 јуни 2024 (МИА) - Тетовскиот театар утре и в сабота, со почеток од 20 часот ќе ја реализира премиерата на претставата „Тартиф“ според Молиер во режија и адаптација на Андреј Цветановски. Претставата ќе биде изведена на македонски јазик во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
Како што информираат од Центарот за култура, имајќи предвид дека авторот Молиер е еден од најзначајните автори на класичната драматургија ова претставува голем зафат за целата екипа. Од таму велат дека претставата се работела во интензивен процес кој изобилувал со креативност и добра енергија.
- Силните луѓе создаваат мирни времиња. Мирните времиња создаваат слаби луѓе. Слабите луѓе создаваат тешки времиња. Тешките времиња создааваат силни луѓе И така се во круг. Низ оваа максима се обидовме да ја погледнеме вечната тема на најголемиот лицемер во класичната драматургија, Тартиф. Но дали е тој лицемерот или луѓето кои зависат од неговата способност? Низ силна и емотивни ситуации се случува трилер претстава која се заснова на замрсените односи на една фамилија, и нивната постојана опсесија за богатство. Низ сите тие ликови и нивните завери ја осовременивме и донесовме во денешни услови приказната распадот на фамилијата, а со тоа и на системот. Дали компанијата беше во постојан пад и пред да се појави Тартиф? Дали корените на фамилија Пернел се распаѓаат од мирните времиња во кои живее новата аристократија?, изјави режисерот на претставата, Андреј Цветановски.
Во претставата играат Тартиф – Ѓорѓи Нешкоски, Оргон – Петрит Незири, Елмира – Миа Кантарџиева – Петровска, Дорина – Марија Цветановска, Дамис – Марко Богдановски, Клеант – Арѓенд Хасани, Маријана – Ирена Мирческа, Валер – Абдула Османи,Пернел – Берат Салиу и Лојал – Шкумбин Зеќири, соопштија денес од Тетовски Театар.
Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите ги изработила Медина Хоџа, додека музиката е создадена од Димитар Андоновски.
Проектот е подржан во годишната програма на Министерството за култура и е втора премиера од програмата на Тетовскиот театар за оваа година, после премиерата Пациентот на Фројд од Миро Гавран во режија на Гент Чајани.ас/ар
Фото: МИА