• петок, 03 мај 2024

Се зголемува нивото на водата во поплавените делови на Русија, вонредна состојба во три области

Се зголемува нивото на водата во поплавените делови на Русија, вонредна состојба во три области

Москва, 9 април 2024 (МИА) – Ситуацијата со поплавите во Русија се уште е тешка, а министерот за вонредни ситуации Александар Куренков денеска пристигна во областа Оренбург, каде е најлошо и каде се поплавени повеќе од 10.000 куќи.

Нивото на водата во Оренбург во изминатите 24 часа порасна за 25 сантиметри, а во градот беа поплавени околу 2.000 куќи. Во градот Орск, каде што на 5 април пукна браната што го штити градот од реката Урал, нивото на реката паѓа втор ден по ред, соопшти прес-службата на началникот на регионот Оренбург.

Градоначалникот на Орск, Василиј Кожупица изјави дека во тој град се поплавени 6.929 згради, а евакуирани се 2.493 лица, пренесува Интерфакс. Нивото на водата во некои делови од Курганската област, која исто така е зафатена од поплави, од вчера порасна за 157 сантиметри, а властите најавија дека врвот на поплавниот бран ќе биде утре.

Според руското Министерство за вонредни состојби, на тоа подрачје се поплавени 10.327 станбени објекти и 12.821 приватна парцела.

Регионите на јужниот дел на Урал годинава се соочија со невидени поплави, а вонредна состојба беше воведена во регионите Оренбург, Курган и Тјумен. Рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди формирање на специјална владина комисија за справување со проблемите предизвикани од поплавите.

Руската метеоролошка агенција соопшти дека очекува поплавите во Оренбург и околните области утре да го достигнат врвот. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан