• сабота, 23 ноември 2024

Се вапсаа велигденските јајца во Прилеп, останаа желбите за здравје

Се вапсаа велигденските јајца во Прилеп, останаа желбите за здравје

Прилеп, 29 април 2021 (МИА) - Пред изгрејсонце се вапсаа велигденските јајца.  Според адетите, првото е „божјарче“, второто за домаќинот, третото за лозјето, нивата, за имотот. Ставени се пред прозорецот, да ги огрее сонцето. „Божјарчето“ ќе се чува цела година, а со црвено јајце по лицето на децата ќе им се помине да бидат црвени, здрави, весели.

Вака објаснува прилепчанката Менче Милошеска, која заедно со Здружението на жени „Преродба“ ги негува велигденските традиции. Само тешко  е, вели, поради пандемијата - мора со претпазливост, грижа за најблиските и мака и е што не може да се дружи, да ги собере сите за Велигден.

- Адетите и традициите нѐ одржуваат. Убаво е што ги вапсавме велигденските јајца. Ама мора да внимаваме. Еве, втор Велигден, вели Милошеска.

Лилјана Ацеска и нејзиното семејство ја поминале пандемијата. Таа потешко и сега се многу претпазливи. Традицијата се негува, ќе се украси домот за Велигден, а радоста ќе ѝ биде семејството.

- Јас и фамилијата прележавме Ковид-19. Тоа на никој не му го посакувам. Се подготвуваме за Велигден, сакам да ми е чисто, убаво за празникот над празниците, ама ќе биде само со моето семејство. Гости, како и лани, нема да има. Страв ни е, ама ќе ни останат најголемите желби да помине сето ова, да може да се дружиме, да се смееме и да се шегуваме. Во Здружението на жени загубивме неколку членки. Недостасуваат дружбата и охрабрувањето. Само да биде што поскоро, вели Ацеска.

Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на прилепското здружение „Преродба“ кое со години ги негува традициите и адетите за сите празници, пренесувајќи им го нивното значење на младите, сака да биде сѐ како порано.

- Ги вапсавме велигденските јајца. Тешко дека ќе може да одиме в црква, ама имаме куп желби и надежи - сега еве сме по две-три членки, не повеќе, а се надевам, наскоро, сите да се собереме како порано. Па да пееме песни, да исчекуваме. Останува традицијата, од неа не се откажуваме. Таа е нашето опстојување. Само со грижата за најблиските може да пребродиме сѐ, вели Ѓорѓиеска. ем/мд/

Остани поврзан