• понеделник, 23 декември 2024

Сакеларопулу до Зеленски: Сме и ќе бидеме со вас

Сакеларопулу до Зеленски: Сме и ќе бидеме со вас
Атина, 5 јули 2022 (МИА) – Претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу на отворањето на годинешната конференција на Економист во Атина, до претседателот на Украина Володимир Зеленски кој учествуваше преку видео врска, му ги изрази „почитта и восхитот на Грците за херојската борба на украинскиот народ“ и му порача дека тие се и ќе бидат со нив, јави дописничката на МИА од Атина. Сакеларопулу истакна дека „Европската Унија одговори на воената инвазија со изненадувачко единство и решителност“, дека паралелно со шестиот бран санкции, постојано се зголемува економската, хуманитарната и воената помош за Украина и рече дека ќе продолжи практичната поддршка за украинскиот народ. -Во Европа веруваме во силата на правото, а не во правото на силниот. Затоа Европската Унија од првиот момент, без двоумење, застана на страната на Украина, во одбрана на територијалниот интегритет и независноста на една демократска држава. Неприкосновеноста на границите е основата на мирниот соживот во Европа по 1945 година, истакна грчката претседателка. Додаде дека реваншизмот, иредентизмот, оспорувањето на границите претставуваат војна, а „ревизионистичките режими, агресивните соседи кои сонуваат за реконституирање на империи, денес како и секогаш се закана за модерните демократии“ Се осврна и на европската перспектива на Украина и Молдавија, како и на Западен Балкан. -Пред неколку дена, Европскиот совет им додели статус на земја- кандидат на Украина и Молдавија и ја потврди европската перспектива на Грузија. Грција ги поздравува и поддржува новите кандидати за членки на нашата Унија. Истовремено, беше потврдена целта за интеграција во Европската Унија на Западен Балкан, чии апликации за прием се во тек. Украина и Молдавија се две европски земји решени да чекорат по тешкиот пат на прилагодување за целосно да се приклучат на европското семејство. Народот на Украина веќе плаќа со крв во име на слободата и европскиот идеал. Европската унија, европскиот начин на живот, ќе продолжи да ги инспирира луѓето, а Европа ќе биде подготвена да ја прошири својата солидарност на оние кои сакаат да живеат со европските вредности, порача Сакеларопулу. На отворањето на годинешната конференција на Економист, 26-та тркалезна маса со грчката Влада, свои обраќања имаа украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателките на Грција и Молдавија, Катерина Сакеларопулу и Маја Санду.ср/

Остани поврзан