• сабота, 23 ноември 2024

Меѓународна изложба на кучиња викендов во Скопје, изложувачи од повеќе соседни и европски држави

Меѓународна изложба на кучиња викендов во Скопје, изложувачи од повеќе соседни и европски држави

Скопје, 12 октомври 2024 (МИА) - На стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје денеска и утре ќе се одржи меѓународна изложба на кучиња „Оctober Dog Show“ во организација на Кинолошкиот сојуз на Македонија и кинолошките клубови Поларис, Лотус Ројал и македонскиот клуб за шнауцери. 

Во двата дена ќе се одржат вкупно пет изложби од кои две меѓународни, две специјализирани за расите шнауцер и германски шпиц и една државна изложба. 

На меѓународните изложби пријавени се над 200 кучиња од Србија, Црна Гора, Косово, Грција, Бугарија, Хрватска, Италија, Полска, Украина, Англија и Чиле, а на државната изложба околу 150 кучиња. На специјализираната изложба за расата шнауцер ќе продефилираат 50-тина кучиња, а на изложбата за расата германски шипц 10-тина кучиња. 

Кучињата ќе бидат оценувани од судии од Северна Македонија, Србија, Перу, Литванија и Словачка. Најдобрите ќе добијат сертификат за државен шампион CAC и интернационален сертификат за првак во убавина CACIB. 

За првпат годинава во рамки на изложбата, а во соработка со здружението за деца со посебни потреби „Во мојот свет“, во недела ќе се одржи и ревија на која дечиња ќе продефилираат со нивните миленици. Настанот е од ревијален карактер, а ќе се одржи непосредно пред прогласувањето на најдобрите на изложбата. 

Изложбите ќе бидат отворени за посетители од 10 часот. бак/нд/

Фото: Кинолошки сојуз на Македонија

Остани поврзан