• недела, 24 ноември 2024

Рускиот министер за одбрана одржа преговори за зајакнување на соработката со Кина

Рускиот министер за одбрана одржа преговори за зајакнување на соработката со Кина

Москва, 15 октомври 2024 (МИА) - Министерот за одбрана на Русија Андреј Белоусов изјави дека одржал содржински преговори со заменик-претседателот на Централниот воен совет на Кина Жанг Јусја, додека Москва и Пекинг го зацврстуваат „неограниченото партнерство“ и ги критикуваат напорите на САД за проширување на влијанието во регионот.

„Вчера одржавме навистина содржински преговори“, соопшти Белоусов преку профилот на руското Министерство за одбрана на социјалната мрежа Телеграм. „Министерствата за одбрана на Русија и Кина се обединети во проценката на глобалните процеси и имаат заедничко разбирање за тоа што треба да се направи во сегашната ситуација“, додаде тој. Според него, задачата сега е да се зајакнат билатералните односи.

Кинеското Министерство за одбрана изјави по средбата дека двете страни се надеваат да ги продлабочат и прошират воените односи и да продолжат со состаноците на високо ниво.

Посетата на Белоусов на Пекинг се одржува во момент кога Народноослободителната армија на Кина се закани дека, доколку е потребно, ќе преземе дополнителни активности против Тајван. Пекинг, исто така, веќе спроведе воени маневри, кои ги оквалификува како предупредување против „сепаратистичките активности“, што предизвика критики од американските и тајванските власти.

Кина и Русија прогласија „неограничено партнерство“ во февруари 2022 година, кога претседателот Владимир Путин го посети Пекинг помалку од три недели пред неговите сили да започнат целосна инвазија на Украина.

Во мај оваа година, Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг прогласија „нова ера“ на партнерство меѓу двата најмоќни противници на САД.

- Путин и Си се договорија да ги продлабочат стратешките односи, потсети денеска Белоусов, дополнувајќи дека е уверен дека „претстои плодотворна работа и донесување на значајни одлуки“.

Минатата недела, Русија изјави дека стои рамо до рамо со Кина во однос на азиските прашања, вклучително и критиките кон напорите на САД за проширување на влијанието во регионот и „намерните обиди“ да се влоши ситуацијата околу Тајван.

САД тврдат дека Кина ја поддржува руската воена кампања во Украина, преку испорака на стоки со двојна намена, вклучително и микроелектроника, кои може да се користат за изработка на оружје. Кина, пак, тврди дека не испорачувала оружје на ниту една страна и дека нормалната трговија со Русија не треба да биде прекината или ограничена. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан