• петок, 05 декември 2025

Реконструирана ул. „Солунска“ во Делчево – завршени и делници од „Ванчо Прке“ и „Брегалничка“

Реконструирана ул. „Солунска“ во Делчево – завршени и делници од „Ванчо Прке“ и „Брегалничка“

Делчево, 4 декември 2025 (МИА) - Општина Делчево го реализира проектот за реконструкција на улицата „Солунска“ во населбите Втори и Трети реон, со што се решава долгогодишен инфраструктурен проблем за голем број семејства во овој дел од градот.

Улицата, со вкупна должина од 479 метри, е обновена со нов асфалт. Вкупната вредност на проектот изнесува 3.187.590 денари, од кои 1.568.941 денар се обезбедени преку Стратегијата за Роми на Министерството за транспорт, а дополнителни 2.192.415 денари се средства од Буџетот на Општина Делчево. Проектот е дел од програмата за инфраструктура од Локалниот акционен план за Роми, кој се реализира во првите недели од мандатот на градоначалникот.

Паралелно, општината реконструираше и критични делници од улиците „Ванчо Прке“ и „Брегалничка“ во Старо Делчево, со што се надминува повеќегодишниот проблем со оштетени коловози, особено изразен во зимскиот период.

Градоначалникот Иван Гоцевски им се заблагодари на граѓаните за укажувањата и поддршката, истакнувајќи дека токму нивните идеи и потреби се мотив за понатамошно унапредување на сообраќајната инфраструктура во сите населби во општината. 

-Нашата определба е да обезбедиме квалитетна инфраструктура до секој дом. Ниедна населба нема да биде изоставена“, порача Гоцевски. вс/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан