• петок, 17 мај 2024

При експлозија на бомба загинаа тројца полицајци во северен Авганистан

При експлозија на бомба загинаа тројца полицајци во северен Авганистан

Кабул, 8 мај 2024 (МИА) – Тројца полицајци загинаа, а петмина се повредени во експлозија во главниот град на северната авганистанска провинција Бадакшан, Фајзабад.

- Бомба скриена во мотор била активирана додека полицијата патролирала барајќи насади со афион, изјави портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи, Абдул Матин Кани.

Сè уште ниту една група не презела одговорност за нападот.

Денешниот напад уследи откако на 3 мај локалните жители се судрија со талибанските сили за борба против наркотици поради напорите за искоренување на афионот, што резултираше со смрт на најмалку еден цивил.

Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) во ноември минатата година објави дека одгледувањето афион во Авганистан се намалило за околу 95 проценти по забраната на талибанците. Претставниците на ОН предупредија дека намалувањето ќе има непосредни хуманитарни последици, бидејќи за голем број земјоделци единствен приход имаа од афионот.

Од враќањето на талибанците на власт во август 2021 година, нападите значително се намалија во земјата разурната од војна. Но, ограноците на Исламската држава сè уште се сметаат за активни во земјата и повремено извршуваат напади. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан