• понеделник, 15 јули 2024

Премиерен настап на детскиот мешан хор Крешендо во Тетово

Премиерен настап на детскиот мешан хор Крешендо во Тетово

Тетово, 17 јуни 2024 (МИА) - Детскиот мешан хор Крешендо од Тетово по само три месеци од формирањето вчера имаше премиерен настап. Осумдесет деца на возраст од шест до 15 години под раководство на диригентиките м-р Фотини Георгиадис Кировска и проф. Марија Пулковска Здравковска исполнија десет композиции пред публиката во тетовскиот центар за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

Почнаа со проби на почетокот на март, а вчера се претставија со познати македонски песни и странски хитови.

- Многу е убаво кога желбата станува реалност. Идејата за формирање на детски хор ни се роди пред една година и еве тој хор постои веќе четири месеци и вчера го имавме својот премиерен настап. Задоволни сме од срареното затоа што тоа е макотрпна работа и за тој краток период постогнавме доволно за да и се претставиме на прекрасната тетовска публика, чија поддршка многу ни значи, вели Фотини Георгиадис Кировска.

Двете диригентки успеаја да ги координираат различните возрасти на децата и нивните вокални способности.

- На помалите деца им беше потребна поголема посветеност, како учителката со првачињата да ги научи на трпеливост, ред и да почне од буквата А. На поголемите им треба малку поинаква посветеност, а на крајот од сето тоа да направиш една целина. Со многу проби и вежби децата имаа можност и вокално да напредуваат, истакна Марија Пулковска Здравковска

Вечерта ја збогати и присуството на специјалниот гостин Влатко Лозаноски, со кого хорот изведе две негови песни.

-Доста внимание посветивме на репертоарот и изборот на песните. Сакавме тоа да се познати песни ама сепак со наш печат. Затоа на сите им направивме сопствени аранжмани, а за тоа најзаслужен е проф. Ираклис Георгиадис кој многу ни помогна во тоа. Оркестарот ни помогна да ги збогатиме композициите и настапот да биде комплетен, велат Фотини и Марија.

Премиерниот настап на детскиот мешан хор Крешендо беше музичко шоу надополнето и со настапите на балерините од балетското студио Менада од Тетово. По летниот распуст детскиот хор, ќе продолжи со работа и нови проекти. ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан