• недела, 22 декември 2024

Панел дискусија за подигање на свеста за превенција од рак на дојка во Гостивар

Панел дискусија за подигање на свеста за превенција од рак на дојка во Гостивар

Гостивар, 24 октомври 2024 (МИА) – Во рамки на активностите на здружението „Езра“ и локалната самоуправа кои се спроведуваат во овој месец за превенција од рак на дојка и пружање на помош на заболените и лекуваните, вечерва во Гостивар се одржа панел-дискусија.

Учесниците на панелот, вечерва можеа да слушнат повеќе за оваа болест од радиолог Миранда Изаири, онколог доц. д-р Илир Исмаили, Афрдита Хамза од општинскиот Сектор за социјални дејности и Анета Ќироска-специјалист по семејна медицина. Говорниците споделија и информации поврзани со болеста, терапијата, процесот на лекување и стручни совети.

Вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар Ваљбон Лимани посочи дека локалната самоуправа вложува дополнителни напори во рамки на одбележувањето на Октомври како месец за борба против канцерот на дојка. Лимани потврди дека во гостиварската болница нема мамограф, што го отежнува раното дијагностицирање.

- Оваа година ќе доделиме ваучер за сто мамографски прегледи во две приватни ординации. Очекувам идната недела да биде објавен и Јавниот повик, во кој ќе бидат наведени и критериумите, рече вд градоначалникот Лимани.

Тој потврди дека е упатен во проблемот со недостиг од мамограф во гостиварската болница напомена дека со директорот бараат решение и вложуваат напори идната година овој медицински апарат да биде набавен.

Според онкологот, доцент доктор Илир Исмаили бројката на дијагностицирани во државата на годишно ниво расне и се движи од 1.200 до 1.500. Тој смета дека тоа во значајна мера се должи грижата за здравјето за разлика од порано, што како што рече, честите прегледи се клучни за рано откривање и лекување.

- Има пораст на бројката на заболени а тоа е во корелација со подигнатото ниво на свест за оваа болест. Докторите, медиумите, јавноста си го прават своето и ги поттикнуваат да појдат на преглед. Сега повеќе не е срам да се оди на лекар за карцином, па ни за карцином на дојка. Повеќе случаи се откриваат, бидејќи сега имаме и соодветна опрема. Порано немавме ни апарати, а сега имаме апарати блиску до нас и затоа и повеќе случаи се откриваат, рече онкологот Исмаили. згм/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан