Меџити: Полог заслужува повеќе, ние работиме за оваа цел
- Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска изврши увид во работите за изградба на две капитални инвестиции кои овозможуваат квалитетна вода за пиење за жителите на Першовце и Глоѓи на општина Теарце.
Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска изврши увид во работите за изградба на две капитални инвестиции кои овозможуваат квалитетна вода за пиење за жителите на Першовце и Глоѓи на општина Теарце.
За време на посетата, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити истакнал дека реализацијата на овие два проекта е од витално значење за жителите на двете населени места од оваа општина.
-Резервоарот за вода за пиење што се гради во Теарца со средства на Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од над 18 милиони денари е во завршна фаза, односно завршени се над 90 отсто од работите, а изградбата на филтeр станицата за вода за пиење, која е во напредна фаза во село Глоѓи, во вредност од над 61 милион денари, значително ќе го подобри стандардот на жителите од овој дел на државата нагласил Меџити.
Тој додал дека постојната акумулација е небезбедна и трпи оштетувања при секој дожд, поради што заматена и загадена вода циркулира во цевките и акумулациите.
-Со цел да има функционален водоснабдителен систем,и квалитетна вода за пиење се изработи техничка документација на ниво на Основен проект за изградба на тиролски зафат, доводен цевковод, таложник и филтер станица за селата Пршовце и Глоѓи во општина Теарце, лоцирани покрај река Бистрица во подножјето на Шар Планина, а реализацијата на проектот се одвива без застој, посочил Меџити.
При увидот на работите на овие две локации, Меџити порачал дека жителите на Полог заслужуваат квалитетна вода и живот со современи стандарди и Министерството и Владата работат континуирано во оваа насока. дма/аа/
Фото:МЖСПП