• петок, 05 декември 2025

Прва работилница за иницијативата за изградба на гондола на Пелистер

Прва работилница за иницијативата за изградба на гондола на Пелистер

Битола, 4 декември 2025 (МИА) - На покана на Општина Битола, експертски тим од Словенија, Франција и Андора, денеска во просториите на локалната самоуправа одржаа работилница во функција на иницијативата за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер.

Според експертот Франц Адани, Пелистер е туристички бисер и изработката на физибилити студија треба да овозможи развој на туризмот во четири сезони.

-Теренот на планината Баба го посетивме летоска, но и во зима и ги воочивме сите услови и потенцијали на Пелистер, а потенцијалот е огромен. Луѓето ја сакаат природата и ние треба да им овозможиме еколошки пристап до природата за што најсоодветна е гондолата. Проектот ќе биде од полза на локалното население и е соодветен на примерите на туристичките центри сместени во националните паркови каде гондолите овозможуваат да се исклучат возилата, да не загадуваат, а туристите со помош на гондола да стигнат до врвот Пелистер, истакна Адани.

Општина Битола од експерите очекува реална информација од експертите од странство за да може да го почне процесот на изградба на гондола на Пелистер, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

-На денешната прва средба и јавна дискусија ние сите се запознаваме со варијантите, етапите, патеките кои водат до врвот на Пелистер, односно до местото викано кај Антената. Нашата генерална цел е да ја зголемиме понудата со дополнителни 20.000 посетители на Пелистер кои ќе престојуваат во нашиот крај, а притоа се ќе биде максимално еко-заштитено. Нашата намера е да се изгради гондола за превоз на туристи, а не ски-лифтови, посочи градоначалникот Коњановски.

Според првичните модели стопанисувањето би го вршела Општина Битола, а има и варијанта за јавно-приватно партнерство. мт/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан