• четврток, 04 декември 2025

Пратеници од Левица остварија средба со францускиот амбасадор

Пратеници од Левица остварија средба со францускиот амбасадор

Скопје, 3 јуни 2025

Денес во просториите на Собранието на Република Македонија, потпретседателот на Левица, м-р Реџеп Исмаил – Хактан и портпаролот Амар Мециновиќ, во својство на пратеници, остварија средба со амбасадорот на Француската Република, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.

Средбата се одржа во конструктивна атмосфера во ,,Струшката соба" на Собранието, каде беа дискутирани прашања поврзани со актуелната политичка состојба и предизвиците со кои се соочува Републиката, особено во однос на етничката верификација и конфесионализмот на политичкиот систем кои го подриваат демократскиот капацитет на државата.

Претставниците на Левица ја нагласија својата принципиелна позиција дека европската интеграција на Македонија не смее да биде изговор за цементирање на етноцентричниот модел на владеење и нарушување на суверенитетот на Македонија. Напротив, процесот на приближување кон ЕУ треба да биде искористен како можност за враќање на граѓанската и демократска логика во функционирањето на институциите, како и за унапредување на еднаквоста на сите граѓани, без разлика на етничка или верска припадност.

Во таа насока, Левица е единствената политичка партија која доследно и јавно се залага за стриктно почитување и спроведување на принципот на секуларизам – како основа за слободна, праведна и функционална демократија. Воедно, од Франција, како земја со силна републиканска традиција и длабоко вграден секуларен поредок, очекуваме политичка поддршка и принципиелен став во однос на зачувувањето на овие вредности и во контекстот на македонското општество.

Дополнително, за време на средбата беше отворена и темата за корупцијата – како еден од најгорливите системски проблеми што ја подрива довербата во институциите. Од страна на Левица беше посочено дека и покрај промената на власт, корупцијата продолжува со несмалено темпо – со очигледна тенденција таа дополнително да се проширува. Еден од суштинските проблеми лежи токму во биетничкиот карактер на државата, каде владеењето функционира на принцип на етничка поделеност на политичкиот плен, што практично го оневозможува воспоставувањето на централна, кохерентна и ефективна антикорупциска политика која ќе даде реални резултати.

Левица останува посветена на борбата за унитарна, секуларна и социјално праведна Република Македонија, каде државата ќе биде вистински сервис на граѓаните, а не продолжена рака на етничко-религиски елити и корумпирани интереси.

 

ПП Левица

_________________________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: Левица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан